Новости
И во Македонија постои антициганизам!?
- Детали
- Објавено: Среда, 11 Април 2018 10:49
- Посети: 12919
Кога зборуваме за проблемите на нашата заедница, поголемиот дел од нас тоа го поврзуваат со дискриминација и омраза од страна на општеството кон Ромите, што донекаде и не е погрешно. Но, дали дискриминацијата и омразата се само производи од стереотипите и предрасудите кон Ромите или претставуваат дел од резултатите на еден комплексен историски процес на расизам, насилство и стигма којшто понатаму произведува низа структурни неповолности и исклучување на цела етничка група од општествените текови на развој, бидејќи се перципираат како закана на „белата“ културна хегемонија? Да? Се сложуваме со второто? Тогаш, треба тој феномен да го нарекуваме по името кое што му е дадено ... Антициганизам!
Како таков, терминот добива сé пошироко признавање од страна на институциите на европско ниво, но се јавува недостаток на заедничко разбирање за природата и последиците од оваа појава во општеството. Пример, за тоа е различниот начин на пишување на терминот, некои го пишуваат заедно, некои со „-“. Вистината е дека се пишува заедно, оти „Анти-циганизам“ и „Антициганизам“ не е исто. Пред сé, бидејќи „циганизам“ не постои, а „Антициганизам“ претставува специфична форма на расизам!
Антициганизамот или Антициганизмот треба да се разбере како специфична форма на расизам насочена кон Ромите, Синтите, Патувачите и останати групи кои што се стигматизирани како „цигани“ во окото на јавноста. Велам, стигма бидејќи карактеристиките се однапред дефинирани од страна на мнозинството, за тоа кои се „Цигани“, а кој „Роми“, каква традиција имаме, како се раѓаме, живееме и умираме. Примери имаме еден куп, од простите како „ти не си како другите од твојата заедница ...“, до посложените случаи, кога на голем дел од Ромите им беше забранет излез од државата, случајот со Ирена Ристиќ итн.
Дали во Македонија постои антициганизам? Да! Дали го препознаваме и разбираме? Делумно!
Разбирањето се сведува на препознавањето на анти-Ромските ставови и негативните стереотипи во јавната сфера или говорот на омраза. Антициганизмот дава увид во поширокиот спектар на дискриминаторските практики, вклучувајќи и многу скриени манифестации од страна на мнозинството. Кога станува збор за овој феномен во општеството, треба да сфатиме дека тоа не е проблем на малцинството. Туку, феномен на нашите општества, чие што потекло се јавува од начинот на кој мнозинството гледа и ги третира оние кои што ги смета за „цигани“. Антициганизмот го одзема правото на само-идентификување на Ромите, наметнувајќи ја стигмата за „Циганите“ и однапред дефинираните наративи коишто најчесто се негативни или „романтизирани“, претставувајќи ги Ромите како различни од останатите. И како магично и единствено решение се претставува интеграцијата во општеството, што претставува погрешно разбирање за природата на овој феномен и испревртување на причините и последиците. Потребно е да се адресираат последиците од дискриминаторскиот однос кон Ромите, но тематското третирање на проблемите не го отстранува изворот на обесправеноста на ромските граѓани.
На крај, тоа што го зајакнува антициганизмот е високата социјална прифатливост, којашто се јавува низ ставовите, однесувањата на поединците и институциите. Моралната стигма којашто се јавува при останатите форми на расизам во општеството, недостасува или воопшто ја нема кога станува збор за антициганизмот и Ромите.
Автор: Мустафа Јакупов