Ромаверзитас - академска и друга поддршка на студенти Роми од Македонија
Да се спомене и да не се заборави
- Детали
- Објавено: Среда, 16 Август 2017 12:02
- Посети: 15745
Студенти Роми, заедно со организацијата Ромаверзитас, организираа јавен настан на 3-ти август, по повод Денот за сеќавање на геноцидот врз Ромите. Притоа, од Меморијалниот Центар на Евреите од Македонија и од плоштадот Македонија, беа испратени две пораки „Да не заборавиме“ и „Геноцидот врз Ромите да се спомене и да не се повтори“.
„Во Австрија, Албанија, Германија, Србија, Украина, Унгарија, Франција и други европски земји, Ромите се официјално спомнати и признати како жртви на геноцидот. Во Македонија се комеморира само 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот. Македонија треба да го следи примерот на многуте европски земји“, вели Силхан Саитов, проектен менаџер во Ромаверзитас.
Според него, општеството треба да се сеќава за геноцидот на Ромите со цел да учи од минатото и да не ги повтори грешките или кривичните дела за кои може да биде одговорно. Злосторствата од минатото треба да добијат признание поради болната неправда и нејзиното често влијание на нашите сегашни можности.
Историјата нотира дека, Ноќта помеѓу 2 и 3 август 1944 година, преостанатите 2897 Роми од „Циганскиот камп“ во Аушвиц-Биркенау, повеќето жени, деца и стари лица биле одведени во гасните комори каде што биле убиени користејќи Циклон Б, а нивните тела запалени во крематориумот број V.
Официјалните бројки на убиени Роми се движат од 200,000 до 500,000. Повеќето експерти се согласуваат дека во тоа време околу 80% од ромската популација во Европа била убиена, можеби достигнувајќи и бројки од 750,000 до 1,500,000. Во 1982 година, Владата на Германија ја призна расната основа за геноцидот на Ромите. Во 2005, унгарскиот парламент го прогласи 2 Август како ден на сеќавање на геноцидот на Ромите и Синтите. Во 2011, ова го направи и полскиот парламент. Во 2012 година, во Берлин беше поставен споменик на Ромите жртви на холокаустот.