Новости
„Лекцијата Шутка“ во организација на EРИАК
- Детали
- Објавено: Четврток, 15 Ноември 2018 14:26
- Посети: 1494
Европскиот Ромски институт за уметност и култура (ЕРИАК), на 13 ноември 2018 година во Музејот на македонската борба, организираше културен настан насловен како „Лекцијата Шутка“. На промоцијата на ЕРИАК во Македонија говореа Тимеа Јунгхаус, директорка на ЕРИАК, Катрин Фрухинсфелд, раководителка на одделението за култура и образование на Германската амбасада во Скопје и Курто Дудуш, градоначалник на општина Шуто Оризари.
„Нема социјална инклузија без културна инклузија“, изјави Јунгхаус, истакнувајќи дека и понатаму ромските дискурси остануваат фокусирани на домување, здравство, образование и вработување.
Во своето обраќање, Фрухинсфелд рече дека „меѓународната заедница честопати се обидува да открие што може да се направи за поддршка на ромската заедница во Македонија. Но, би сакала ова прашање да го поставам и обратно: како ромската заедница, со своето искуство и способности во културниот живот, може да придонесе за благосотојбата во Македонија? Сигурна сум дека има многу важни вредности. Како и да е, ромската заедница, но и сите други етнички заедници во земјава, треба да ги откријат овие можности и да бидат отворени едни за други“.
Градоначалникот Дудуш потенцираше дека е горд што општината Шуто Оризари е лулка на ромската култура, синтеза на ромското богатство кое се пренесува низ светот, но сепак ја задржува својата автентичност. Тој изјави: „Како општина, секогаш ги поддржуваме уметноста и културата, посветуваме достојно време и ресурси за поддршка на „Театар Рома“, ќе го возобновиме најголемот амбасадор на ромската култура „Phralipe“ и имам желба да го видам изграден културниот центар во Шуто Оризари“.
Веднаш по воведните обраќања, следуваше панел дискусија на тема „Предизвиците и иднината на ромската култура и уметност во Македонија“. Учесници на дискусијата беа Севдија Демирова Абдулова, поранешна уредничка на „Бијандипе“ во националниот сервис на Македонската телевизија, Срџан Амет, ромски НВО активист и Елвис Мемети, советник за политики во Министерството за труд и социјална политика.
Настанот беше проследен со уметничка изложба на Дурмиш Ќазим, музичка изведба од Бајса Арифовска и театарска претстава „Рома рефрешмент“ од страна на Театар Рома.
ЕРИАК е основан со заедничка иницијатива на Советот на Европа, Фондацијата Отворено Општество и Алијансата за европски Роми. Институтот е лансиран пред една година во Берлин, Германија, како прва европска иницијатива на најголемото малцинство во Европа. Иницијативите за вмрежување на културни институции на Европскиот Ромски институт за уметност и култура (ЕРИАК) се поддржани од германското Министерство за надворешни работи.
Автор: Руфат Демиров