Новости
Стартува кампања „Бојкотирам попис без етничка припадност“
- Детали
- Објавено: Сабота, 01 Декември 2018 10:19
- Посети: 1796
Група граѓани Роми не се согласуваат со најавата дека на наредниот попис нема да можат да ја изразат својата етничка и верска припадност. Поради ова, тие организираат кампања насловена како „Бојкотирам попис без етничка припадност“. Целта на оваа кампања, велат тие, е да ги информираат граѓаните дека постои можност да се спроведе попишување според мајчиниот јазик и јазикот кој се говори во рамките на домаќинството.
Главните аргументи кои ги застапува оваа кампања се дека говорењето на мајчиниот јазик не е директно поврзано со етничката припадност и поединецот може да има чувство на припадност кон одредена етничка група без разлика дали го говори тој јазик. Јазикот не може да ја замени етничката припадност затоа што не сите припадници на еден етникум го говорат својот мајчин јазик во домаќинството. Воедно, бројната застапеност на заедниците е од круцијално значење за правниот систем на Македонија, бидејќи дел од правата на заедниците се определуваат согласно процентуалната застапеност на заедниците во државата.
Освен информирање, следните цели на кампањата се отворање дискусии во јавноста и мобилизирање на реакции за реализирање на крајната цел на кампањата - вклучување на етничката и верската графа во пописот кој ќе се спроведе во 2020 година. Оваа кампања првично е насочена кон припадниците на различните заедници, бидејќи невклучувањето на етничката и верската графа е од нивен особен интерес. Но, исто така, кампањата е насочена и кон различните медиуми, кон Државниот завод за статистика и Владата на Република Македонија за да се исполни барањето на кампањата. Кампањата Бојкотирам попис без етничка припадност е во прва фаза на информирање на граѓаните за моменталната состојба и планирања во врска со пописот. Понатаму, се очекува поголем дел од јавноста и сите медиуми да ја вклучат оваа дебата во својата агенда на тековни случувања со прикажување на аргументите на граѓаните кои цврсто веруваат дека етничката и верската припадност треба да биде дел од пописот во 2020 година.
Автор: Институт за истражување и анализа на политики Ромалитико