Новости
Ромаверзитас ќе учествува во проектот „Зголемени можности за образование на учениците Роми и младите од Западен Балкан и Турција"
- Детали
- Објавено: Вторник, 04 Декември 2018 10:50
- Посети: 1418
Здружението на граѓани Ромаверзитас од Македонија е една од 13-те партнерски организации кои ќе учествуваат во спроведување на проектот "Зголемени можности за образование на учениците Роми и младите од Западен Балкан и Турција", финансиран од Европската Унија. Избраните организации ќе работат на проширување и подобрување на пристапот до квалитетно образование во раното детство и во основното училиште, зголемување на квалитетот на кадарот за вработување на средношколците Роми и зголемување на пристапот и учество на учениците во високо образование и транзиција кон пазарот на труд.
Затоа што, нов фокус на претстојната стратегија на РЕФ 2020-2030 ќе биде Образование кое води кон вработување и квалитет, потенцираше Надир Реџепи, извршен директор на РЕФ, во својот воведен говор за време на состанокот за вмрежување, кој се одржа во Будимпешта, Унгарија.
Вкупно 13 граѓански организации добија грантови за спроведување регионални активности за зајакнување на квалитетот на образование и вработување на Ромите од Западен Балкан и Турција. Овие организации, на 28 ноември 2018 година, потпишаа заеднички Меморандум за разбирање, потпомогнат од Ромскиот Образовен Фонд (РЕФ) со што изразуваат подготвеност да обезбедат поддршка и помош за подготовка, имплементација, известување и мониторирање на политики, програми и проектни активности за пристап до квалитетно образование на младите Роми. Овој документ е потпишан на првиот заеднички состанок за вмрежување на организациите за спроведување проектни активности од страна на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија и Турција.
Освен Ромаверзитас, од Македонија во овој проект учествува и Ромскиот Ресурсен Центар.
Автор: Рома Индекс