Новости
Завршен настан во кампањата „Ние Гласаме, Ние Одлучуваме“
- Детали
- Објавено: Вторник, 07 Мај 2019 10:57
- Посети: 1391
Граѓанската иницијатива „Avaja“, на 3-ти мај 2019 година, организираше Јавно обраќање на кандидатите за претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова пред ромската заедница. На настанот присуствуваа огромен број граѓани, кои се запознаа со кандидатите за претседател и воедно со нивната кампања и програма. Покрај претставување на нивните програми, публиката поставуваше и прашања до кандидатите.
Како прв говорник на овој настан беше Стево Пендаровски, кој покрај промовирање на својата програма истакна дека за ромските проблеми треба да се говори секој ден, не само на 8-ми април (Меѓународен ден на Ромите) и дека за истите проблеми треба да се говори и во не-ромските општини. Кандидатот за претседател даде неколку гаранции дека неговите советници ќе бидат од различни етнички заедници а со тоа и припадници на ромската заедница. Втора гаранција е дека сите политики кои водат кон унапредување на ромските права ќе бидат потпишани од негова страна.
Како втор говорник на овој настан беше Гордана Силјановска Давкова, која покрај промовирање на својата програма, истакна дека Ромите се битен фактор во државата. Кандидатката истакна дека во нејзиниот кабинет ќе има и советници/чки не само за ромски прашања, туку воопшто доколку некој/а има такви компетенции. Кандидатката за претседател истакна дека ги познава Ромите одблизу поради тоа што голем број нејзини студенти се припадници на ромската заедница и воедно дека нејзините деца биле одгледани од Ромка. Смета дека е време за средно образование и на ромски јазик, бидејќи неопходно е да се развива ромскиот јазик. Потребно е формирање на посебни групи на Филолошкиот факултет за изучување на ромскиот јазик.