Новости
Лансирана програмата за поддршка и интеграција на Ромите на локално ниво РОМАКТЕД
- Детали
- Објавено: Понеделник, 02 Април 2018 11:47
- Посети: 10032
Советот на Европа преку Програмската Канцеларија во Скопје и Асоцијацијата за Демократски Развој на Ромите „Сонце“ја лансираа новата Програма за поддршка и интеграција на Ромите на локално ниво РОМАКТЕД, која е заедничка иницијатива на Европската Унија (DG NEAR) и Советот на Европа.
Стартот на програмата се случи на конференција за „Промовирање на доброто управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“. Цел на заедничката програма РОМАКТЕД е да се изгради политичка волја и одржлив политички ангажман на локалните власти за подобрување на демократското владеење и зајакнување на локалните ромски заедници.
На конференцијата учествуваа претставници од локалните општини, општински заедници, ромското граѓанско општество, агенциите за развој и претставници на меѓународната заедница. Настанот се доживеа како платформа за меѓусекторска размена на можности во областа на интеграција на Ромите во Република Македонија.
Мила Царовска, министер за труд и социјална политика во Владата, на отворањето на Конференцијата нагласи дека учеството на Ромите во креирање на политиките е многу важно за зајакнување на ромската заедница. Според неа, посветеноста на централната власт не е значајна доколку нема реализација на локално ниво и доколку не постои директна вклученост од ромските граѓански организации во креирањето на локалните политики и мерки.
Нејзиниот колега, министерот без ресор задолжен за имплементација за Стратегијата на Роми, Аксел Ахмедовски, посочи дека за реализација на локалните акциски планови, Владата на Македонија обезбедила три милиони денари во буџетот на Министерство за локална самоуправа за 2018 година.
РОМАКТЕД програмата е креирана како комбинација од РОМЕД и РОМАКТ програмите за зајакнување на капацитетот на локалните власи и зајакнување на ромските заедници, објасни Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка на Делегацијата на Европската Унија. Според него, еден од главните предизвици на оваа програма е да се гради политичка волја за да се стимулираат локалните власти.
Проектот ќе се имплементира во 12 општини во Македонија - Берово, Битола, Дебар, Гостивар, Кичево, Кочани, Прилеп, Струмица, Штип, Тетово, Велес и Виница.
Повеќе информации на:
https://pjp-eu.coe.int/en/web/roma-local-governance/-/kikoff-of-romacted-programme-in-skopje