Ромаверзитас - со поддршка за развој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности
Геноцидот врз Ромите да се спомне и да не се повтори
- Детали
- Објавено: Среда, 08 Август 2018 11:29
- Посети: 16569
Здружението на граѓани „Ромаверзитас“ и Кабинетот на Министерот без ресор Аксел Ахмедовски, задолжен за имплементација на Стратегијата за Роми 2014-2020 организираа настан по повод комеморација на 2 Август - Денот на геноцидот врз Ромите за време на Втората светска војна, во просториите на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Скопје.
По повод сеќавање на 2 Август - Денот на геноцидот врз Ромите за време на Втората светска војна се одржа настан за комеморирање на овој ден со порака „Геноцидот врз Ромите да се спомне и да не се повтори“. Настанот се одбележа со видео проекција на краток филм, приказ на сеќавање за геноцидот врз Ромите од Втора светска војна низ фотографии од страна на Срџан Амет, читање поезија и оддавање почит на жртвите на геноцидот врз Ромите, и директни обраќања од страна на Министерот без ресор Аксел Ахмедовски и проектниот менаџер на ЗГ „Ромаверзитас“ Силхан Саитов.
Министерот без ресор, Аксел Ахмедовски до присутните се упати со пораката: - „ Почитувани присутни, не смееме да ги заборавиме овие неописливи злосторства против Ромите. Помладите генерации, треба да знаат и да ја разберат целата оваа ромска трагедија. Прогонот и дискриминацијата немаат место во ЕУ. Сеќавањето на грешките од минатото, ни помага да ја изградиме Европа, врз основа на нашите заеднички европски вредности и сите траба да живееме едни со други, а не едни до други, а Ромите едни и одделени од другите. Ние не можеме да прифатиме дека лекцијата од холокаустот се уште не е научена. Ние не можеме да прифатиме да бидеме отпишани од историјата затоа што историјата ни се повторува. Денес во 21 век и понатака остануваат стеротипи и предрасуди кои се еднакви на расна дискриминација. ЕУ и институциите траба да превземат сериозни акции против прокламирање на национал десничарска политика и расна нетрпеливост која може лесно да не врати во минатото.“
„Признавањето на историскиот факт на геноцидот на Ромите што се случи за време на Втората Светска Војна и комеморација на геноцидот врз Ромите од Втората светска војна ја нагласува човечката потреба злосторствата од минатото да добијат признание, поради неправдата и затоа што минатата неправда често влијае на нашите сегашни можности. Македонското општество и институциите имаат одговорност да го унапредат својот однос кон геноцидот врз Ромите, да го признаат историскиот факт на геноцидот на Ромите што се случи за време на Втората Светска Војна и да го унапредат начинот на организирање на комеморативните настани за геноцидот врз Ромите, со понудување поддршка за оние кои биле погодени од страшно кривично дело во минатото, со чувствителност, емпатијата и солидарноста кон Ромите. Повикувам на емпатија и солидарност од страна на институциите во оваа наша заедничка борба и заедничка работа за никогаш да не се повтори и никогаш да не се заборави. Можеме да простиме, но не и да заборавиме!“ – рече проектниот менаџер на Ромаверзитас, Силхан Саитов.
На одбележувањето на овој ден присуствуваа министри, амбасадори, претставници од институции и фондации, претставници од граѓанскиот сектор, студенти и медиуми кои со своето присуство оддадоа почит кон жртвите и комеморација на 2 Август – Ден на Геноцидот врз Ромите од Втората светска војна.