Биди дел од заедницата – Дебатирај!
Дебата на тема „Изборите на жените Ромки“
- Детали
- Објавено: Четврток, 28 Февруари 2019 09:20
- Посети: 1970
На 17 февруари (недела) 2019 година во 17.00 чaсот во просториите на хотел Континентал се оддржа дебата како дел од проектот „Биди дел од заедницата - дебатирај!“ на Ромаверзитас, финансиран од Фондација Отворено Општество-Македонија.
Дебатата беше на теза „Вредностите на ромската заедница ја ограничуваат жената Ромка во нејзините избори“.
На дебатата се даваа мислења за: улогата на вредностите на ромската заедница во ограничување на жената Ромка во нејзините избори, промената на вредностите на ромската заедница за да се овозможи простор на жената да ја замени својата традиционална улога и дали со промена на вредностите ќе се изгуби културниот идентитет на заедницата. Ова се само дел од многубројните дилеми со кои се соочува жената Ромка кои и денес во ова современо општество ја ограничуваат во нејзините животни избори.
Дебатерите, Тања Крстевска, Алмира Фасљии, Ариф Адеми и Цвета Ангелова како афирмативци и Ферзије Асановска, Ајџан Маликоска, Џенгис Бериша и Мухамед Етем како негациски тим, дадоа свои препораки за тоа што треба да се направи од страна на жените, невладиниот сектор и државата со цел да се намалат ограничувањата кои ги имаат.
Препораките кои се дадоа за оваа дебата беа:
-Да има кампањи со видео емитувања во општеството за жената Ромка со различно образование како позитивно работи во фирмата каде што е и да се промовираат жените Ромки кои имаат свои бизниси. И да се прикажуваат нивните семејства како живеат во таа состојба. Тоа може да влијае и жените да раководат со финансиите на семејството и исто така ќе им се дозволи на девојчињата да си го завршат или да го продолжат образованието и на следните нивоа.
-Да има работилници за носење одлуки во семејството во кои ќе учествуваат брачните парови. Преку нив ќе се создадат услови и жената да допринесува финансиски со вработувањето зашто ќе може да се донесе таа одлука во семејството.
-Да се обезбедат политики за развој на работните вештини и поттикнување на претприемаштво кај жените.
-Во училиштата каде што има Роми да се одржат работилници за улогите на членовите во семејствата. Да се прикаже што сè може да имаат одговорности сите членови на семејството. Да се едуцираат дека сите се еднакви и она што може женското можат машките како и обратно. Навредувања врз основа на тоа дали некои извршува задача или игра со нешто за другиот пол не смее да има.
-Во училиштата да има наставни содржини за тоа на која возраст мажите и жените треба да стапат во брак според социо-економските услови и погодното ниво на биолошки и психолошки развој.
-Полицијата и судството треба да бидат построги кон малолетничките бракови или живеење на малолетници во вонбрачен живот. Да не се дозволуваат малолетничките бракови. Средината штом го забележи тоа треба да ги пријават тие семејства.
-Училиштата треба да ги пријават малолетничките бракови. Основните училишта и средните училишта треба да водат евиденција кои ученици не се запишале во средно и МВР да преземе мерки да ги утврди причините зошто не продолжиле учениците и да ги казнат семејствата како што налага Законот за основно и средно образование.
-Да се има информативни работилници со ромските семејства и да им се објасни дека инвестирањето во иднината на девојките и одложувањето на возраста за стапување во брак целосно ќе има повеќекратен корисен ефект за целата заедница.
-Жената е двигател на семејните, културните и традиционалните вредности. Треба позитивните вредности кои носат успех и развој на семејството да се зачувуваат, а да не прават штета врз правата на секој член од семејството и неговата иднина. За ова треба да се направат средби со најстарите членови (мажи и жени) во семејствата или фамилиите да зборуваат за овие вредности.
-Да се зголеми бројот во градинките, но и други центри кои можат да ги чуваат децата за да можат жените да одат на работа. А во нив да се бара да има содржини за ромската култура и јазик да научат децата.
-Државата да ги унапреди политиките за надминување на половата нерамноправност. Истата да промовира заштита на правата на жените и да изнајде закони кои ќе поттикнуваат еднакви можности меѓу половите. Во некои сектори каде што е возможно да се бара рамноправно вработување на мажите и жените.
-Да се следат политиките и најдобрите практики во земјите каде што има родова рамноправност и да се изнајдат механизми за нивно поставување во државава.
-Националното координативно тело за имплементација на Стратегијата на Ромите да даде повеќе детали на годишно ниво кои се резултатите од „Национален акционен план за зајакнување на положбата на жената Ромка во општеството (2016-2020)“.
-Да има работилници во основните училишта за сексуално образование. Само едукацијата на младите за своето сексуално здравје може да го намали бројот на склучени бракови меѓу малолетници во нашата заедница.
-Младите да се едуцираат за културните вредности кај различните народи и ромската заедница.