Зголемување на пристапот и учеството на студенти Роми во високото образование и транзиција на пазарот на труд
Националан настан за креирање на политики за Роми во областа на образование и вработување „ПРЕДИЗВИЦИ И МОЖНОСТИ ЗА ДЕЦА И МЛАДИ РОМИ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“
- Детали
- Објавено: Среда, 17 Април 2019 14:35
- Посети: 1511
Ромскиот образовен фонд (РЕФ) во соработка со партнерските организации Ромаверзитас, Асоцијација за демократски развој на Ромите – Сонце и Ромски ресурсен центар на 12 Април 2019 година во Skopje city hall, го оргаанизираа настанот за креирање политики за Роми во областа на образование и вработување „Предизвици и можности за децата и младите Роми“. Настанот е организиран во рамките на проектот "Зголемени образовни можности за студенти и млади Роми во Западен Балкан и Турција", спроведуван од страна на РЕФ и финансиран од Европската Унија.
На настанот земаа учество претставници на власта, граѓански организации, меѓународни организации и други релевантни засегнати страни за инклузија на Ромите, со цел споделување искуства и практични знаења поврзани со образованието и вработувањето, согласно политичките реформи за вработување во Република Северна Македонија. Настанот, исто обезбеди можност за идентификување и дискусија за главните предизвици за затворање на јазот за ромските деца и непречена транзиција од образование кон вработување.
Настанот започна со воведни обраќања на Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Министерката Царовска истакна дека Министерство за труд и социјална политика направи освежување на системот, затоа што сите реформи кои ги реализираме се однесуваат најмногу на сиромашните граѓани.
“Само 30 отсто од децата во Република Северна Македонија се опфатени во предучилишното образование, односно тоа значи и помал број вклучени деца Роми од 2,1 отсто. Затоа, одлучивме да го зголемиме капацитетот на прием на деца Роми во градинките, доколку го почитуваме нашиот човечки капитал како држава. Сите деца Роми, системски, ќе се вклучат во градинките и тоа ќе биде финансирано од државата. Ова е одличен старт за системско образование, за што имаме целосна поддршка од сите клучни чинители во државата и сме следени од меѓународната заедница“ , рече Царовска.
Таа уште еднаш ги повика пратениците да ја изгласаат социјалната реформа бидејќи со неа конечно, државата ќе трансферира пари до најсиромашните.
Настанот продолжи со обраќање на Заменик министерот за образование и наука Петар Атанасов. Тој го започна својот говор со цитирање на изјавата на Премиерот на Република Северна Македонија „Владата на Република Северна Македонија има силна политичка волја за вистинска имплементација на стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Северна Македонија и ќе се ангажира и понатаму за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на Ромите“, рече Атанасов.
Атанасов истакна „Што се однесува до силната политичка волја сметам дека во рамките на законите требада наоѓаме практични решенија, да ги кршиме пречките, да се стремиме за остранување на сите бариери и предрасуди и се она што не ни дава да одиме напред, да се бориме со нискиот социо-економски стандард со кои се соочуваат Ромите и да се надминат сите структурни нееднаквости“
Еден од многуте предлози кои ги истакна Петар Атанасов се однесуваше на тоа дека кабинетот на Заменик министерот за образование и наука, но и Министерството за образование и наука се отворени за соработка и очекуваат заедничко делување и решавање на проблемите со кои се соочуваат Ромите во областа на образованието.
Реџеп Али Чупи, координатор за вмрежување од РЕФ, во неговото излагање ги најави наредните стратешки правци на Ромскиот Образовен Фонд за наредните 10 години. Тој вели „Мисијата и крајната цел на Ромскиот Образовен Фонд е да придонесе во намалување на јазот кај образовните резултати помеѓу ромите и не ромите. Организацијата поддржува квалитетни политики во делот на образование и десеграција на дел од образовните системи“, вели Чупи.
Во однос реализирање на стратешките цели на РЕФ, Чупи вели „ Во наредниот период се надевам, заедно со државата во делот на предучилишно образование ќе ја зголемуваме мрежата на градинки и ќе го зголемиме бројот на вклучени деца Роми во градинки. Во основното образование повторно ќе го воведеме туторството и другите дополнителни активности кои помагаат за успешно завршување на основното образование. Во делот на средно образование ќе продолжиме со стипендиите, а во високото образование, покрај финансиската поддршка, ќе се заложиме и за понатамошно вработување на веќе репродуцираниот наставнички кадар токму онаму каде што им е местото, односно во училиштата“
Програмата на настанот содржеше три главни сесии: Пристап до квалитетно образование за ромските деца: искуства од пракса и терен, Вработување на млади Роми: Агенда за човечки развој за следната декада; и Структурни и политички промени за Роми во Северна Македонија: зголемување на соработката на национално ниво каде говорници беа претставници на власта, граѓански организации и меѓународни организации.