Електронски весник
‘Рбетниот столб на заедницата (Аријета Тахири)
- Детали
- Објавено: Среда, 08 Јули 2020 13:38
- Посети: 1067
Граѓанската иницијатива АВАЈА (што во превод значи „Доаѓаме“) функционира повеќе од една година и е доказ дека заради развивање концепт на концизност, упорност и истрајност, се исполнија одредени прашања и барања кои тие ги поставија.
Затоа, се наметнува прашањето до кога треба да работиме сите заедно - активисти, студенти, вработени за конечно да бидат исполнети сите барања? И дали игра улога колку сме? Дали се уште е битен квантитетот за „прогледување“ или квалитетот? Дали размислуваме по шемата која не учеле „old school“ дека 2 и 2 се 4. Знаеме да бидеме лидери или само следбеници? Што кога сакаме да бидат 5 и за 5 фали уште некој/нешто? Дали се отвора место за уште еден или се остава „ненамерно“ да бидат 4? А од друга страна, имаме и друга ситуација. Ама 5 и 4 се 9 а и 4 и 5 се 9. Разликата е во предноста да се даде на 5-ката или 4-ката да се стави прва во започнување на решавање на задачата. Разликата е во перспективата од која тргнуваме за решавање на проблемите. Игра ли улога дали ќе почнеме од помалиот (етникум) број или од поголемиот (етникум) број? Можеби сепак има. Затоа, побаравме и мислење од нашите активисти вклучени во АВАЈА за улогата на активизмот во средината.
Промените започнуваат со организација на студентите
За Елвис Шаќири, претставник на Ромалитико и долгогодишен активист, студентскиот активизам подразбира „одредена акција, работа чија цел е да се постигне одредена општествена промена“. Кога се говори за „одредена“, додава тој, се подразбира политичка, економска, социјална или која било друга која би донела до промени во системот.
„Секогаш сум бил бунтовник и сум укажувал на недостатоците во системот. Сум се обидувал да го менувам мислењето на другите за да правиме заеднички акции за промена. Од многуте студентски иницијативи би издвоил две позначајни и успешни. Пред десетина години, на додипломски студии, формиравме група на социјалната мрежа фејсбук “Млади - правници Роми”. Во оваа група членуваа студенти Роми со кои се боревме против дискриминаторски содржини на медиумските портали и беше многу успешна иницијатива. Од една страна, во функција го стававме нашето знаење поврзано со правото во корист на ромската заедница и од друга страна, ја развивме свеста кај заедницата да ги пријавуваат ваквите содржини. Друга позначајна иницијатива за време на студиите беше во 2012-та година кога речиси цела студентска заедница беше вклучена во петицијата и протестот за СТОП НА ПАРТИСКИ ВРАБОТУВАЊА. Во оваа иницијатива беа вклучени голем број на студенти, дипломирани, средношколци кои беа фрустрирани од праксата да се вработуваат лица само по основ на членство во партија“, објаснува Шаќири.
Од денешна перспектива, според него, постојат дел студенти кои се многу активни, вклучително и во иницијативата Аваја, која има отворени врати за секој што сака да придонесе во заедничката визија и мисија. „Студентите треба да го реализираат својот потенцијал. Во нив гледаме двигател на промени и двигатели на движењето. Во нив е моќта бидејќи се критичка маса која и е потребна на заедницата, поседуваат знаење и вештини кои треба само да ги стават во функција за да се постигне промената“.
Тој дава и историска перспектива на активизмот, објаснувајќи дека се покажало дека револуциите, односно промените започнуваат со организација на студентите, бидејќи се независни, за време на нивните студии интелектуално се надоградуваат, подобро го разбираат функционирањето на системот и според тоа кај нив се развива критичка мисла за промена.
„Студентите можат да помогнат на различен начин, а пред се, доколку во функција го стават знаењето кое го добиваат за време на нивните студии во корист на ромската заедница. Постојат повеќе начини како може да помогнат: да го споделат своето знаење со останатите Роми, да организираат протести за прашања кои ги засегаат нив и ромската заедница, да застапуваат одредени прашања пред институции, да го изразуваат своето критичко мислење на социјалните медиуми и да дебатираат со неистомисленици, да поттикнуваат различни петиции и да се вклучат во политички партии, невладини организации и во бизнис“, поентира Шаќири.
Студентите да бидат промотор и мотор на промени
За неговиот колега Акиф Кариман, активизмот е „акција за одредена промена“ за која индивидуата или групата се залага и верува дека е потребна.
„Улогата на студентите е да бидат промотор и мотор на промени. Да се обидам да направам една метафора за општеството и активизмот. Знаете дека железото изложено на непогодни услови почнува да оксидира и ‘рѓосува. Тоа е општеството. Оштетувањето на железото може да се спречи преку различни методи или кога веќе се појавило, може да се третира преку различни методи. Превенцијата и третманот е критичниот глас и сите акции на оние кои препознаваат опасност од ‘рѓосување на општеството. Студентите се оние кои имаат најголема смелост да артикулираат што треба да се подобри. Студентите отсекогаш биле активни иако се и многу критикувани. Тоа е затоа што очекувањата и потребите се многу на број, бидејќи нам како Роми одговорноста ни е на многу повисоко ниво поради сите предизвици со кои се соочува нашата заедница“, вели Кариман. Според него, студентите треба да имаат поголема самоиницијативност во делувањето на АВАЈА, за што побрзо, токму тие да го преземат водството во идејата за поголема организираност во заедницата, учество во носење одлуки и влијание врз надлежните институции за промените за кои се залагаат. „Сметам дека АВАЈА е вистинското место за сите студенти бидејќи преку придонесот во АВАЈА се постигнува и личен развој и позитивни промени за нашиот народ“, вели Кариман.
Будилник за обврски и одговорности
Оттука може да се заклучи дека клучната улога за гласот во заедницата и за промени ја имале некогашните и ја имаат денешните студенти. Сплотени заедно, тие поставиле столб за денес да се подигне гласот за потребите и подобрување на општата состојба на народот. Ни укажуваат дека храброста кога се спротивставиле на говорот на омраза, дискриминација , упорноста и истрајноста денес ги довела да постигнат промени и да се „борат“ и потсетуваат носителите на одлуки дека имаат одговорност која не ја исполниле. За‘рѓаноста ја замениле со проактивизам за да потсетуваат дека се присутни и дека нивните права се уште висат во воздух. Сите знаеме дека ако чекаме на некој да му „текне“ дека има одговорност нешто да промени или да го исполни ветеното, тоа нема тоа да го стори. Затоа што некој треба да е будилникот во општеството за кое сите знаат дека е навиен во одредено време да заѕвони и да не „потсети“ дека треба да се разбудиме. Обврските и одговорностите не чекаат да ги завршиме. Никој не е должен да ги заврши место нас. Затоа потребно е да се разбудиме, да работиме постојано за да го одржиме столбот на општеството без кое не може да се одржи и развива ниту една заедница, да ги научиме дека ќе „заѕвониме“ во одредено време да ги потсетиме и повикуваме да ги завршат своите обврски и одговорности. Да ја подигнеме свеста за колективизам, потребата да се делува заедно, да бидеме „симбиозата на едно тело“ без која не може правилно да функционира. Да бидеме тие кои ќе донесуваме одлуки за себе и да си ги поставиме ограничувањата и стандардите. Потребно е заеднички да влијаеме врз свеста на носителите на одлуки и сограѓаните и со заедничка работа и истрајност да овозможиме „подеднаква“ и подобра иднина за сите нас.
Rbetniot-stolb-na-zaednicata.pdf