Електронски весник
Младите активно да бидат вклучени во политиката (Тања Крстевска)
- Детали
- Објавено: Четврток, 09 Јули 2020 13:14
- Посети: 1065
Како младите гледаат на политиката и колку младинските политики се застапени во програмите на политичките партии во пресрет на претстојните парламентарни избори?
Искористивме актуелен контекст заради потенцирање на улогата на Младите како двигатели на политичката реалност. Во овие неколку специјални изданија на Рома индекс ги презентираме ставовите и размислувањата на:
Д-р Салија Љатиф Петрушовска
Моето лично видување за јавната политика е активно партиципирање со одредена кауза, со цел застапување на интересите на сите граѓани кои живеат во државата и креирање политики од кои ќе произлезат низа активности за подобро општество за сите. Од осамостојувањето на Република Северна Македонија досега сме биле сведоци на различни политички структури кои имале различен начин на владеење. Голем дел од нив, во своите убедувања тврделе дека интересите се демократски со застапување на сите етнички моменти и стремежи за еднаквост на граѓаните и транспарентно општество, иако преовладувало традиционален модел со конзервативни ставови.
Со текот на годините и со зголемување на влијанието на НАТО и ЕУ на Балканот и пошироко, сите земји и нашата се обидува моделот на ЕУ да го преслика во рамки на својата политика. Тој се смета за меродавен и претставува модел кој побарува низа реформи кои една држава, меѓу кои и нашата се стреми да ги прави, со цел да се усовршува и повторно принципите на фер и демократско општество ги доведува на пиедестал.
Во моментот на позиција е партија која силно алудира на платформата ЕДНАКВО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ, кауза која е привлечна особено за помалите етнички заедници застапени во земјата, имајќи ги в предвид нивните застапености во минатото, во рамки на власта, во институциите, образованието, здравството и социјалата. Помалку застапените етнички заедници бараат и се залагаат за фер и еднаква шанса и за нив/нас како рамноправни граѓани на државата во која живеат и ја сметаат како своја татковина.
Сметам дека младите треба поактивно да партиципираат во политиката, да не ја гледаат од аспект на ‘’политика-клише’’. На пример: доколку сум член на политичка партија, ќе бидам обоен и како моите пријатели, колеги на работа ќе ме гледаат или јас не сум политичар, ама на социјални мрежи секојдневно свесно или несвесно се заложуваме или застапуваме сами себе или одредена група. Затоа треба да го тргнеме превезот пред очите, оние млади кои имаат амбиции и лидерски способности да застапуваат, лобираат и креираат политики за општиот добробит на општеството треба да се вклучат во политиката. Но, многу е важно да останат доследни на своите принципи. Само така ќе го сочуваат достоинството и ќе бидат почитувани од заедницата, односно поширокото општество.
Долги години како студент и по дипломирањето активно учествував во граѓанскиот сектор, вкупно повеќе од 10 години. Додека работев во невладиниот сектор: одев на терен, разговарав со луѓе, креирав политики и застапував. Се беше добро до моментот, кога целиот макотрпен процес што сум/сме го направиле за време на еден проектен циклус и треба да започнува имплементација која ќе зависи од волјата, односно интересите на одредена власт односно институција , се чувствував немоќна.
Затоа сфатив, согласно со принципите со кои сум израсната (морални вредности всадени во мене уште како дете од моите родители, формалното образование стекнато за време на моето високо образование и дополнителни квалификации, огромното искуство од страна на невладиниот сектор и сите тие средби со лица кои треба да ги имплементираат политиките), дека треба да бидам дел од политиката за да направам поголеми и посуштински промени, чиј бенефит треба да го добиваат граѓаните.
Морам да признаам дека секој почеток е тежок, да не се лажеме, но и како впрочем се во животот. Доколку сте решиле да направите промена од типот на заминување во странство, промена на работна позиција, купување нов автомобил или која било друга животна одлука е потребен ризик, инаку како би знаеле дека некаде постои нешто, во што секогаш може да се надградувате себеси и да ја направите НАЈДОБРАТА ВЕРЗИЈА ОД СЕБЕ .
Младите треба да бидат активно вклучени во политиката, затоа што ја имаат: добрината, храброста да направат промени, способноста за учење од поискусните – но сами да просудат кој став ќе го зазeмаат и за која кауза ќе се залагаат за да направат промени. Младите се иднината на ова општество и ти ја имаат шансата и можноста да „ги поправаат“ нештата. Младите ја имаат енергијата да се залагаат и да се борат за остварување на права, како за нив самите така и за сите останати граѓани во државата.
Сум член на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров и сум назначена оваа година да ја водам комисијата за здравство. Во доменот на здравството, секогаш има што да се работи и сите се стремиме да ги подобриме нештата, иако мора да потенцирам во здравството, вклучувајќи ги здравствените работници, се вложува и ќе се вложува уште повеќе, затоа што се столбот на општеството. Во моментот сум задоволна од политиките кои се креираат во рамки на политичката партија СДСМ, особено за здравствената политика. Мора да ја спомнам социјалната заштита, вработувањето, засилувањето на економијата, влезот на нашата држава во НАТО, се надевам и многу наскоро ќе пристапиме и кон ЕУ.
Секогаш ќе се стремам за фер и демократско општество, затоа што сакам да имаме еднаков пристап кон сите услуги во рамки на сите сегменти во општеството. Рационално и самостојно донесувам одлуки кои се за добробит на граѓаните и ќе продолжам понатаму да се борам за достојноста на сите граѓани во Република Северна Македонија, особено се заложувам за подобрување на состојбата на Ромите како маргинализирана група.
Елвис Шаќири, Ромалитико
Она што малкумина го разбираат е политичкото во контекст на делување на општеството, при што главното разбирање е дека само политичарите или политичките партии треба да се „занимаваат“ со политикa. Денес, се уште преовладува таквото мислење и многу граѓани и НВО се исклучуваат од процесите, не партиципираат и така се создава тој дефицит во демократијата. Во контекст на Ромите, истото се манифестира со прифаќање на состојбата, слабата граѓанска партиципација во процесите, институционалната недоверба и слабата излезеност на гласање. Ваквата состојба е карактеристична генерално за целото население во Македонија, но и пошироко кое произлегуваат од коруптивните скандали на оние „политичари“ што не водат.
Пресвртната точка во процесот треба да се насочи токму како тоа незадоволство кај граѓаните да се претвори во мотив за промена на состојбата и активно вклучување. Токму затоа, потребна е целосна трансформација на нас самите како граѓани, НВО, политички партии и целокупниот политички систем. Тие промени се однесуваат, пред се, во активна вклученост – секој граѓанин треба да има увид во тоа што државата, локалната самоуправа, институциите прават за нив, на кој начин средствата од граѓаните преточени во буџетот се трошат и како се однесуваат при обезбедувањето јавни добра и услуги.
Од друга страна НВО треба да бидат коректор на власта, но и партнери во делот на дефинирање закони и политики, но не и спроведувачи или сервисери. Досегашната пракса на сервисирање на граѓаните, кое се должи пред се на слабите институции и закони треба да се замени во застапување и watchdog на институциите и власта, за тоа како ја вршат нивната функција во подобрување на животот на граѓаните.
Политичкиот систем во Македонија треба да се промени за да обезбеди изборен модел, каде што лидерите и кандидатите на пратеници ќе се избираат врз основа на квалитет, но и ќе се овозможи поголем избор и инклузивност, кој треба да се манифестира со поголема излезност и партиципација на граѓаните. Во однос на политичките партии, напуштањето на етничкиот принцип на политичко здружување и внатрешната демократизација во однос на вклучување на лица надвор од елитата и отвореноста во финансирањето на политички партии треба да бидат приоритет во трансформацијата за да се зајакне внатрешната демократија на партиите.
Во моментот кога го креиравме Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, бевме во Будимпешта на студии и активно го следевме делувањето на политиките партии, невладините организации, државните институции во насока на креирање на јавни политики. Она што можевме да го забележиме е дека другите го креираа наративот за Ромите, додека јавните политики за Ромите се базираа на податоци и истражувања кои датираа од 2001 или 2004 година. Воедно, можевме да забележиме дека недостасува активност која го стимулира критичното размислување и дава аргументирани предлози и можни решенија.
Токму затоа, се формираше Ромалитико со визија да ја предизвика статус кво ситуацијата на Ромите во општеството и преку анализи, истражувања и застапување базирано на докази (податоци) да влијае врз јавни политики, распределбата на моќ и ресурси (буџет).
Низ текот на нашето делување, Ромалитико беше дел од повеќе мрежи кои имаа цел колективно застапување на интересите на Ромите. Сепак, тие мрежи беа краткорочни и поради тоа заедно со останатите организации – Ромаверзитас која е активна во креирањето на идни генерации на студенти и лидери, Романо Авази – во делот на организирање на заедницата, решивме да ја започнеме граѓанската иницијатива АВАЈА за да ги застапуваме колективните интереси на заедницата. Низ текот на нашето делување во Ромалитико и Аваја главен водич е промената што сакаме да ја постигнеме за Ромската заедница да има еднаквост во можностите и шанса за остварување на потенцијалот на индивидуата и колективот.
Младите генерации се клуч за промената на иднината на заедницата. Оттука, нашето меѓугенерациско зближување треба да биде врвен приоритет. Ние, кој што сме сте стекнале некакво искуство треба да покажеме поголемо разбирање и толерантност за младите генерации и да бидеме нивна поддршка за вклучување во Ромското движење. Од друга страна, младите генерации се водечката сила за критично размислување и поставувањето на наратив во јавноста. Препорака е студентите да бидат храбри да го истакнат своето мислење и глас. Воедно, разговорот и градењето односи со заедницата треба секојдневно да се одржува, бидејќи сме си потребни едни на други за остварување на колективните интереси.
Во однос на внатрешните промени и предизвици кои се соочуваме во моментот со АВАЈА главно се темели на обезбедувањето втора генерација лидери, членови и активисти со цел да се овозможи одржливо движење. Секако, предизвиците во текот на координација и комуникација се секојдневни, но воспоставувањето алатки и системи за пренесување на информациите од еден тим на друг, организирано и координативното делување и дигитално организирање на заедницата е во тек. Воедно, усогласувањето на делувањето на трите организации ќе се преточи во стратегија и оперативен план за работа за наредните 3 години. Наша цел е да го мултиплицираме делувањето во сите ромски населби, заедницата да стане главен двигател за промените и да ги искористиме сите демократски средства за притисок и остварување на сето она што се ветува пред избори.
Јован Јаулески - Претседател на УМС на ВМРО- ДПМНЕ
Политика од денес никако не смее да се преслика во иднината. Македонија во последните 3 години до денес го доживеа најсрамното понижување во историјата. Несериозните политики на власта и подвитканата кичма, како и желбата за полнење на своите банкарски сметки донесоа да станеме нација без корен, со наметнато и никогаш од народот неприфатено име и оспорен јазик, економски осиромашена и опустошена земја. Држава во која народот се посетува само за предизборните кампањи, а потоа се осиромашува. Тоа мора да запре, Македонија мора да ги исправи грешките од минатото. На Македонија ѝ требаат чесни политичари на кои народот ќе им биде пред сѐ, а не личниот профит. Во Македонија мора да има правда, да се запре криминалот и да се казнува неселективно. Во Македонија овој девастиран систем мора да се обнови од корен ако сакаме да имаме убава иднина. Јас сум убеден дека новата генерација политичари ќе ги направи тие реформи.
Моите почетоци во политиката се од рани тинејџерски години. Почнав уште во средношколската Унија на УМС на ВМРО - ДПМНЕ. Она што ме натера да влезам во политиката е пронаоѓањето во идеолошката платформа на ВМРО- ДПМНЕ и тоа што сакав да бидам дел од креирањето на младинските политики во Република Македонија и да придонесам со моите идеи и она што чувствувам дека е потребно да се каже. Тогаш, но сега со оваа власт најмногу сметам дека на младите не се става доволен фокус и лошите политики од власта се единствената причина да имаме толку голема миграција од Македонија. Лошите политики ги натераа младите да се иселат од својата држава и своето парче леб да го заработуваат по рестораните во Малта и Германија, а не дома. Имаме највисока младинска невработеност во Европа, што е двојно поголема од просекот. Тоа е многу поразително за една држава. Младите кои се иднината на секоја држава се на маргините и ако тоа продолжи - ќе се станеме држава на пензионери.
Образованието се рангира на дното, доказ за тоа е последната ранг листа на CWUR на која Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го турка на катастрофалното 1917 место од вкупно 2000 универзитети во светот. Тоа не е иднината во која треба да живеат младите. Државата е силна онолку колку што е образована нацијата, односно младите, а само со силна младина ќе имаме и силна држава. Токму тоа е она што мене ме натера да видам дел од политиката- љубовта кон својот народ и македонските културни вредности, подостоен животен стандард, негување на поквалитетно образование на младите луѓе во Македонија. И тоа секогаш ќе биде мојата борба.
Мој совет за идните генерации во Република Македонија е да го следат својот сон и да не дозволат да бидат изманипулирани. Да вложуваат во себе и својата иднина. Да бидат гласни и бунтовни и да се борат за себе, за подобра иднина и да си останат тука, во својата држава да ја креираат својата иднина. Младите, онаа генерација од која јас доаѓам, но и помладите се токму тоа. Силно верувам дека во иднина ќе се исправат многу грешки затоа што не смееме да имаме уште една загубена генерација.
Младите во ВМРО- ДПМНЕ се застапени во Извршниот комитет, Централниот комитет и во сите организациони структури на партијата. Воедно, со нашата застапеност активно учествуваме во креирањето мерки и политики за младите кои потоа се преточуваат во проекти. Унијата на млади сили претставува најголема младинска организација во Македонија и пошироко. Претставува неисцрпен извор на енергија за ВМРО-ДПМНЕ и креатор на многи кадри. Отвореноста, инклузивноста и транспаретноста во рамки на УМС и во рамки на партијата е на високо ниво и младите токму го наоѓаат своето место и нивниот глас се слуша. Суштински не би променил ништо, но се разбира лично секогаш ќе се борам гласот на младите да биде слушнат и уважен а УМС да продолжи да биде најсилниот поборник за младиот човек.
Дарко Каевски, директор на Агенција за млади и спорт и кандидат за пратеник во ИО 1
Политиката е дел од нашето секојдневие, преку образованието, здравствените услуги, човековите права, економијата, инфраструктурата, чистиот воздух. Затоа е многу важно секој човек да биде политички активен а институциите да овозможат начини и механизми како да се вклучат граѓаните. Политиката и политичкото темпо треба да го диктираат граѓаните, изборите да не бидат само симболично давање на гласот, туку да бидат начин граѓаните да одлучат какви политики поддржуваат. И тоа не треба да биде само на избори, постојано граѓаните треба да бидат слушнати и преку разни алатки да учествуваат во донесувањето одлуки. За овие три години ја зголемивме инклузивноста и можноста граѓаните и граѓанските иницијативи непосредно да учествуваат преку различни механизми во креирање решенија на локално и национално ниво. Но секогаш има простор за подобрување, треба постојано да се работи на зголемување на транспарентноста, достапноста и учеството. Преку олеснет и поедноставен пристап граѓаните да имаат целосна вклученост во донесувањето одлуки кои се носат од институциите а нивните потреби и мислења да бидат пресликани во решенијата кои се носат.
Причината поради кои одлучив да се вклучам во политиката преку политичка партија е затоа што сметам дека тука можам најмногу да придонесам. Пред се, причина да се вклучам во СДММ се моите социјалдемократски вредности и убедувања, социјалната правда и еднаквоста. Во периодот кога активно се вклучив, живеевме во едно многу поразлично општеството, во кое луѓето се плашеа јавно да го искажат своето мислење и беше загрозена слободата на говор. Во тој период кога многу мои врсници, млади луѓе, обесхрабрени од лошите политики се одлучија да ја побараат својата шанса надвор од државата, сакав да останам тука и да се борам да ги донесеме тие вредности во нашето општество кои ќе овозможат еднаква шанса и достојни услови за секој млад човек тука да напредува и придонесува, да ја гради својата кариера и својата иднина.
Бидете гласни и бидете активни! Младите секогаш треба да бидат коректори на политиките на власта и активно да бидат вклучени во одлуките кои се носат. Да бидат солидарни, толерантни, да ги почитуваат човековите права и различностите. Во СДСМ гласот на младината е слушнат и младите имаат можност да ги изразуваат своите ставови и идеи во рамки на партијата, дури и кога се разликуваат од мислењата на сениорите. Сите промени и решенија доаѓаат преку заедничка дискусија. Охрабрени сме да ги кажеме нашите барања и промените кои сакаме да се случат и тоа секогаш го правиме по пат на дебата и дискусија.
Mladite-aktivno-vkluceni-vo-politikata.pdf