Колумна
Како ќе се оценува онлајн наставата? (Алмира Фасљии)
- Детали
- Објавено: Понеделник, 11 Мај 2020 21:55
- Посети: 1443
Оваа слика ја видов пред извесно време на социјалните мрежи. Колку тажна, но за жал, во исто време вистинита за многу ромски деца. Откако светот запре за минутка, а Земјата оживеа, ние луѓето сме принудени од дома да ги извршуваме нашите деловни активности. Така и образовниот систем запре и се донесе решение децата од основно па се до факултет да следат онлајн настава се додека трае ситуацијата со пандемијата.
Наставниците имаат неколку опции. Подготвуваат павер поинт презентација за наставниот предмет и им го препраќаат на учениците да го разгледаат. Потоа, нормално следи тест кој трае само 15 минути, а во нормални услови трае 45 минути. Ама сега да не се дозволи да препишуваат децата, па затоа толку кратко. Но заборавија една важна работа. Децата препишувале и во училишните клупи, но тоа го прават и сега благодарение на чичко Гугл и тетка Википедија. Лесно изводливо, нели?
Друг начин на одвивање на онлајн наставата е преку онлајн платформата Зум. Наставниците ги покануваат да го слушаат предавањето. Многу интересна алатка. Но, и тука има недостатоци. По договореното време се појавуваат сите на оваа платформа, наставникот прави фотографија и потоа сите се исклучуваат и чекаат да помине „часот“. При крајот сите деца и наставникот повторно се вклучуваат на платформата, наставникот прави фотографија, но задолжително да се гледа и часот. Така сите задоволни и среќни. И наставниците си ја извршуваат својата работа, и децата слушаат „предавање“ и Министерството за образование и наука добива податоци дека се сe одвива во најдобар ред. Лесно изводливо нели?
Трет начин на одвивање на онлајн наставата е сличен на претходниот начин, но тука нема прекинување на наставата, односно тече непрекинато. Проблемот настанува кога учениците ја ставаат на безгласно (mute) наставата и прават се што не е поврзано со наставата. Лесно изводливо, нели?
Ова се само дел од лесно изводливите работи со кои се засегнати страните. Сите добиваат по нешто и сите се задоволни. Но, тука се поставува прашањето – како ќе се оценуваат децата што следат онлајн настава, кога е општопознато дека голем процент од децата препишуваат на т.н. тестови? Исто така, едно од по горчливите прашања кои се поставуваат се-што ќе биде со тие деца коишто не можат да следат онлајн настава? Што со тие кои поради финансиската состојба ќе паднат година?
Секако овие работи не ја прават целосната слика на сите наставници и ученици. За пофалба се сите наставници, особено тие коишто до сега не користеле технологија во своите предавања. Со напор и желба невозможното го направиле возможно и им го пренесуваат своето знаење онлајн на своите ученици. Исто така и децата кои радо би си играле, седнуваат и ги завршуваат своите домашни на време и редовно ги слушаат предавањата.
Но како што веќе и знаеме, нашиот образовен систем и нема некои цврсти темели, затоа што голем дел е сведен на – Јас ќе зборувам, ти ќе слушаш! И да не ме разбираш тоа не е мој проблем, кога ќе дојде време за тестирање на знаењето, ќе си научиш од книга. Па таму се ти пишува!
Со децении наназад, и во Македонија но и во многу други држави децата се тестираат преку тоа колку запомниле од тоа што им е кажано, а не колку научиле нешто. Воопшто да не зборуваме за учење на нешто ново и корисно за подоцнежниот живот. Така, оваа ситуација не и прави голем проблем на нашата држава. Сите со радост се сеќаваме на деновите кога смело и несмело сме препишувале во училишните клупи, додека строгите наставници запишувале нешто во дневниците. Што мислите, сега зарем нашите деца не го прават истото? Особено во овој период кога сите информации им се дадени на тацна?
За овие вторите прашања... Колку и да се обидуваме да ги избегнуваме и да ги замачкуваме со интересни работи, сепак постојат. Сиромаштијата постои. А најлошото од тоа е што многумина од нас ја доживуваат. Некој порано, некој подоцна. Не мислам само на финансиската. За таа другата, што не нагризува полека сите и забораваме што значи човечност, во друга прилика.
Да не се лажеме, знаеме дека Македонија е сиромашна земја во којашто голем процент од граѓаните не можат да си дозволат да имаат Интернет, паметен телефон, компјутер, лап-топ или таблет. Голем дел од тие сиромашни граѓани се Ромите. Тие немале кога „цветаше“, а не пак сега кога се наоѓаме во критична ситуација и кога никој не знае за следното утро што може да го снајде. Кој би мислел на тоа дали детето напишало домашна задача, кога истото тоа дете си легнало гладно? Кој би мислел на тоа колку букви има македонската азбука, кога тоа дете секој ден доживува насилство затоа што е приморано да седи дома заедно со насилниците? Кој би мислел колку е 2+2, кога тоа дете и така не посетувало настава во нормални услови, туку чекало жена му да се породи, којашто и така е дете, и да оди да бара храна во најразлични места? Кој би мислел?
Сликата на почетокот ги прикажува сите згаснати желби и соништа на малите „сиромашни“ деца. Дел од нив згаснати поради идеологијата на нивните родители, дел поради незаинтересираноста на нашата држава. Така се терало со години, зошто да не и сега?