Колумна
Крајот на Ковид ерата во студентскиот свет (Фатима Сали)
- Детали
- Објавено: Среда, 03 Јуни 2020 23:06
- Посети: 1228
Како ќе го завршиме овој семестар или дали ќе го завршиме во наредниот период? Што со оценувањето? Запишување нов семестар, нови предмети... нова учебна година? Казнената, редовна сесија? Што попрво? Ова се само дел од прашањата што си ги поставува секој студент, со доза паника и неодлучност и секако, без некаков одговор кој барем ќе даде одредена визија за тоа како ќе се одвиваат „студенстките денови“ откако ќе заврши оваа ситуација.
На 10 март годинава, нашата Влада и Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, одлучија и воспитно-образовниот процес да прекине во сите институции поради превенција од ширење на корона вирусот. Ова требаше да трае само 14 дена, со надеж дека ситуацијата ќе се подобри и ќе се зачува здравјето на граѓаните. И тука настана хаосот. Одеднаш се промени животот на сите. Студентите се најдоа во тешка ситуација.
Зошто и како? Зошто токму студентите ?
Откако ги слушнав новите вести, тоа беа среќни моменти за мене. Не знаев дека потоа тоа ќе биде топ тема на која ќе се дискутира на секоја прес-конференција. Првите неколку дена факултетите размислуваа како да продолжи студирањето во ваквите услови, како да реализира наставата и ред други нешта поврзани со образованието.
Се најде решение - образовниот процес да се префрли во виртуелната сфера, односно еНастава која се одвива на „ЗУМ“ платформа. Тука професорите во одреден термин го започнуваат своето предавање, студентите се приклучуваат и го слушаат предавањето.
Ова е ситуација каде што ваквиот начин на одржување настава е достапен за студенти во помала бројка. Меѓутоа, што е со оние студенти каде бројката во еден клас е над 100? Тука наставата се одвива на малку поинаков начин – „Гугл класрум“ или предавања испратени по маил, каде што на студентот му се дава домашна задача поврзана со самото предавање. Не можам да се бунтувам дека ваквиот начин на одржување настава е лош, бидејќи е единствениот начин на кој може да го продолжиме образованието и во услови на глобална светска пандемија.
Она што сакам да го истакнам е тоа дека во некои факултети, како во мојот случај, теоретската настава е проследена со професионална практика. Професионалната практика ми помага да ги таргетирам главните поенти за учење кои понатаму ќе ми го олеснат целиот процес. Нормално, не може да се реализира практичниот дел во виртуелна сфера и тоа е голем недостаток кој ме кочи во процесот на учење.
Има секакви проблеми, но круцијални се следните два. Прв е оценувањето. Знаеме дека периодов кружат информации за онлајн полагања. Исто така, знаеме дека таквиот начин на оценување е многу негативен и неквалитетен. Она што размислувам е дека онлајн полагањата и не се некоја лоша идеја. Зошто? Целиот семестар се темели на онлајн настава, како тогаш може да се полага во нормални академски услови? Ако предавањето одржано во амфитеатар, зошто тогаш онлајн учењето не биде причината и за онлајн полагање? Еднаквоста на овие процеси е дискутабилна. Квалитетот, пред се, на онлајн предавањето е на минимум и очекувано е квалитетот на онлајн полагањата да биде ист. Како што може да се укине државната матура на средношколците, државата заедно со универзитетите може малку да попушти и во правилникот за оценување на студентите. Зошто да не? Дали тоа ќе биде преку семинарски, мини проекти или истражување, секоја можна опција е добредојдена.
Пандемијата веќе трае три месеци, а следен месец е јуни. Во студентскиот свет, јуни е месец на шансите соништата да се претворат во запишана оценка во индекс. Ако веќе вирусот толку многу е присутен, како може да сме сигурни дека ќе го нема во јуни кога треба да полагаме? Дали како студент треба да чекам да се се нормализира целата ситуација за која никој не е сигурен колку ќе трае и да доцнам со целиот семестар или цела година? А што со оние факултети каде што нема ниту казнена, ниту дополнителна сесија. Целата надеж се сведува на редовните три сесии во целата академска година? Треба да почекаме да соопштат дека ќе пуштат две сесии одеднаш? Кога, септември или јуни? Не сме минале ниту практична настава. Ама ајде, ќе „тутнеме“ се одеднаш и дали си положил или не, тоа е твој предизвик. Сметам дека треба посериозно да се сфати ситуацијата во која се наоѓаме ние како студенти.
Втор проблем е виртуелниот свет. Иако решение е во електрониката, таа не е доволно развиена или барем не е соодветно поставена за употреба кај студентите. Ништо не може да ја замени онаа нормална комуникација. Потребно е подобро познавање и искуство за работење, студирање и пренесување информации преку електронските уреди. На факултет студираме за сите можни науки, но технологијата се учи и применува само на факултетите каде што нивната работа вклучува и електронски уреди. Проблемот е што едукативниот систем во кој се образуваме не придонесува кон развој на овие вештини. Порано било потребно да се седи и предава во амфитеатар, бидејќи немало друг начин. Има многу ситуации каде што ваквиот начин на студирање и работа се темели на овој едукативен систем. Дали во иднина можеби сите подеднакво, без разлика на кој факултет студираме, треба да го имаме овој IT предмет како редовен во текот на студирањето? Светот се движи кон ваква ,,дигитална верзија" и не само студентите, сите треба да сме активно вклучени во реализирање на овој процес, кој секако најмногу позитивно ќе придонесе кај студентите како идни интелектуалци кои ќе го водат општеството во таквата дигитална верзија.
Вештачката интелегенција е таа која ќе продолжи рапидно да се развива и шири. Креативното мислење и самостојното решавање проблеми се вештини кои само хуманата интелегенција може да ги креира и работното место на еден студент, кој ќе дипломира, несомнено е сигурно дека ќе се темели на електронски начин на работење.
Krajot-na-Kovid-erata-vo-studentskiot-svet---Fatima-Sali.pdf