Колумна
Портрет на Ромската жена - Активизмот и вклучувањето во политиката
- Детали
- Објавено: Понеделник, 20 Јули 2020 12:25
- Посети: 1654
Овие разговори во Рома индекс се дел од кампањата – Мојот глас твоја должност, спроведена од Граѓанската иницијатива АВАЈА. Разговорите имаат цел да ја обработат темата за Ромската жена, активизмот и вклучувањето во политиката низ призмата на искуството на неколку наши соговорнички.
Политиката како уметност на возможното е јавна работа која што, во суштина, треба да се занимава со јавните работи кои што не интересираат сите. Нашите соговорнички ги потенцираа следните Вистини кои може да послужат како совет, искуство или како дијалози (зачувани во Рома индекс) за ромската жена и политиката. Додека го сведочиме она што другите го запишале, факт е дека доволно е само да ја разгледаме позицијата на жената во една заедница и ќе ја разбереме состојбата, позицијата и развојот на таа заедница.
Тенка е границата меѓу политиката и активизмот ако човечкото битие се разгледува низ призмата на „зоон политикон“. Ромските жени како политички битија можат и умеат да бидат активистки и лидерки. Според податоците со кои што располагаме, бројот на запишани и завршени студенти е поголем кај женската популација наспроти машките студенти. Од друга страна, бројот на невработени ромски жени е поголем од бројот на невработени мажи. Во политичкиот сектор од сите ромски партии кои што постојат, ниту една партија не е раководена од жена. Разликата кај ромските политички партии во споредба со главните политички партии, коишто најчесто застапуваат концепт на 50% застапеност на ромската жена во парламентарните листи, е тоа што ромските политички лидери речиси и не отстапуваат некоја позначајна функција на ромската жена.
За ова и за сите други предизвици и ставови, Рома индекс отворено комуницираше со Фикрија Таир, Мирдита Салиу, Кјмет Амет и Љатифа Шиковска.
Фикрија Таир, м-р по јавни политики при Централно Европскиот Универзитет (ЦЕУ) во Будимпешта, Р. Унгарија, дипломиран економист при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Моментално ја завршува втората магистратура во областа Финансии на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ). Работи во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија како надворешна соработничка, советничка за прашања од областа на мултикултурализам, политики, стратегии и програми за инклузија на Ромите во РСМ. |
Мирдита Салиу, високо образована Ромка, вработена во Министерство за Труд и социјална политика веќе 14 години и поддржувач на граѓанското движење. |
Кјмет Амет, активистка во невладиниот сектор, почетоци на волонтерски ентузијазам. Како координаторка е приклучена во проекти поврзани со правата на жените и девојките Ромки, здравствена едукација на бегалци Роми од Косово и зајакнување на капацитетите на млади девојки. Таа е основач и претседател на новоформираната Ромска асоцијација за жени и млади „Лулуди. |
Латифа Шиковска, долгогодишна активистка и борец за достоинствен живот на Ромската заедница со посебен фокус на најранливите од заедницата. Активизмот го продолжува како политички активист и кандидат за пратеничка од редовите на коалицијата „Можеме“. |
Дали сметате дека жените се доволно застапени во политиката?
Таир: Со усвојувањето на специфични законски документи, организациски структури, работни тела и комисии кои ја таргетираат родовата еднаквост и еднаквото учество на жените и мажите на сите нивоа на извршната, законодавната, локалната и судска власт, очекувам оваа состојба да се подобри и да ја унапреди родовата еднаквост и застапеноста на жените на сите нивоа со посебен акцент на жените од ромската етничка заедница.
Салиу: Заради квотите жените од мнозинското население се застапени во јавниот и политичкиот живот, но кога станува збор за жените од етничките заедници, а особено Ромките, речиси и да ги нема или воопшто ги нема на политичката сцена.
Амет: Жените во политиката се застапени толку колку што е обврзувачко за политичките партии да стават жени во кандидатските листи, а тоа е 40% или на секои три места на листата, најмалку едно место ќе му припадне на помалку застапениот пол. Квотите се добар механизам за воспоставување на родовата рамноправност, но не и родова еднаквост. Женското движење во Македонија се стреми за покачување на квотата на 50%, а тоа значи поголема застапеност на жените Ромки на кандидатските листи на национално и локално ниво.
Шиковска: Секако дека Не. Но, може да покажеме поинакво искуство. Се согласувам дека не е лесно но причината поради која што решив да се бавам со политика е токму затоа што ние жените може да одлучуваме и да направиме повеќе за нашата заедница.
Колку од жените што се дел од политичкиот живот се активни и што тоа значи за заедницата?
Таир: Ромките кои се активни во политичкиот живот даваат надеж и покажуваат спремност во нивната задача да постигнат поголеми резултати и да ги адресираат потребите на заедницата. Постои отсуство на жените во дебати со чинители кои се релевантни за решавање на потребите на заедницата. Сепак, Ромките веќе почнуваат да се позиционираат во овие кругови, употребувајќи ја својата експертиза и подготвеност да ги сослушаат потребите на заедницата, да ги адресираат до релевантните чинители и да одлучуваат и да направат позитивни промени во заедницата. Постои позитивен исчекор на жената во ромската заедница и има успешни примери, но потребно е уште да работиме на поголемо охрабрување, поддршка од семејството и заедницата во надминување на општествените предрасуди за улогата на жената во општеството.
Амет: Да, се застапени, но не доволно. Има пратенички, но мал е бројот на жени на одлучувачки позиции, додека на локално ниво само мал број градоначалнички наспроти поголемиот број на мажи градоначалници. Факт е дека жената кога е на функција, таа подобро ги согледува потребите на задницата како што се социјалната грижа, зајакнувањето и вработувањето на жените итн.
Салиу: За жал, жените кои се дел од политичкиот живот во Македонија немаат многу можност да ги реализираат своите замисли за подобрување на нивната положба, затоа што секогаш треба да има одредена политичка борба за да се успее во креирање одредени политики за жените. Тоа е поради недоволното постоење на родово сензитивната положба на жените. Кога станува збор за Ромките, прво можат да се избројат на прсти, а тие што имаат некакви позиции, не секогаш ја имаат поддршката и од самите жени за заеднички да се придонесе во подобрување на положбата на жените. Не станува збор за образовното ниво, туку едноставно недоволна заинтересираност за вистинска вклученост и учество во јавниот и политичкиот живот.
Шиковска: Некогаш знаеме да кажеме „Една ама вредна“, тоа многу зборува за тоа колку сме малку и колку сме вредни во тоа што го работиме. Не познавам жена Ромка која што е активистка и која што не оставила трага во тоа што го работи, без разлика дали е тоа активизам во граѓанскиот или политичкиот сектор. За заедницата многу значи, дури и целиот историски тек се менува, ако ромската жена одлучува за заедничките работи во општеството.
Дали е потребно да постои “gender equality” или е добро жените самостојно да се борат со свои квалитети за влез во политиката, не само затоа што се жени?
Таир: Концептот на родова еднаквост сам по себе треба да е одговор на системските и културните корени на нееднаквост помеѓу мажите и жените. Овој концепт не треба да се гледа како давање на посебна „привилегија“ на жените поради нивната родова припадност и исклучување на мажите во процесот на надминување на родовиот јаз во сите општествени сфери. Најчесто компетентноста и квалитетот посебно се актуелизира, се проверува и се доведува во прашање кога, во која било општествена сфера, не само во политиката ќе влезе припадничка на маргинализираниот род, припадник/чка на помалубројна етничка заедница или млада личност за која се врзуваат одредени општествени предрасуди. Оваа појава има уште поголем интензитет во случај кога една личност може да се најде во трите улоги одеднаш, како на пример млада жена Ромка. Потребно е да работиме на менување на таа свест во која уште на самиот старт ја доведува во прашање компетентноста на оваа трикратна улога и наметнува дополнителна препрека во борбата на Ромките за нивното учество.
Амет: Да, потребно е и неопходно. Механизам за влез на жените во политика и да се дел од политичкото делување е благодарение на процентот и квотите на застапеноста на жените во партиите. Борбата на жените не беше залудна, напорната борба и упорните притисоци врз владите во светот успеале, со промени на дел од законските одредби, да се усвојат квотите, за време на избори и изборни процеси жените се избориле за влез на кандидатските листи. Обврзувачки беше политичките партии да ги почитуваат овие одредби на кандидатските листи затоа што, ако не ги почитуваат овие правила, тие кандидатски листи се одбиени за трката на избори. Овој механизам е применлив и во Македонија вклучувајќи ги и ромските политички партии. Политиката на мажите не оставаат место за жени политичарки. За влез во политика жените треба да се политички едуцирани, да ги искористат своите капацитети, квалитети и образование и храброст да го прифатат целосно предизвикот, да знае да се избори, да се бори за да добие подобра политичка позиција и улога која потоа ќе ја искористи во интерес на својата заедница. Политиката, според мене, е борба за подобро утре, подобар живот и подобар стандард на живеење.
Салиу:Ако велиме дека жените и мажите се еднакви, тогаш треба подеднакво да им се дадат можности и шанси за пристап во политиката. Но поради стереотипно размислување за политички позиции на жените, особено на Ромките, потребно е се уште да постојат квотите. Овие квоти овозможија подеднакво учество на жените. За квалитетот на жените, не секогаш правилно се проценува и не секогаш и се дава вистинска и целосна поддршка.
Шиковска: Јас би рекла дека тоа е битка на сите страни за она што е наше и за она што ни припаѓа. Јас ја барам поддршката не само поради еден факт, туку затоа што тоа го бара од нас заедницата која што ја претставуваме.
Што , Вие како жена, сте направиле со што сте се истакнале како позитивен пример за останатите во заедницата?
Таир: Мојата цел не била индивидуален успе , туку што повеќе лица од опкружувањето да реагираат на неправдата, да ги мотивираат и едуцираат новите генерации. Благодарна сум за можностите за кои сум се изборила и за тоа што мојата препознатливост и успеси во областите во кои сум делувала ги истакнувале другите околу мене, кои денес ме издвојуваат како позитивен пример, особено Ромаверзитас заедницата. Оваа препознатливост и успеси ме мотивираат и ми прават чувство на морална одговорност за денес, во рамки на мојата улога на советничка во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, да ги искористам сите мои капацитети, вештини, знаења и надлежности за да ја подобрам состојбата на мојата заедница, следејќи ги моите принципи и морални вредности.
Амет: Придонесувам нашите активности во организацијата Лулуди да бидат повидливи, потенцирајќи ги проблемите и потребите со кои се соочуваат жените Ромки и млади на социјално, економско и политичко ниво и начините на нивно надминување. Организирав многу настани, едукации и семинари, кампањи, истражувања и акции, давање директни услуги и помагање на маргинализирани и сиромашни лица. Јас сум пример на жена Ромка која може да биде активна како и другите жени како некоја Македонка, Албанка, Турчинка итн. и да делува и помага на своите жени и млади девојки Ромки.
Салиу: За тоа треба да другите да кажат. Но, кај нас не секогаш се препознава тоа што е направено. Дел сум од креаторите на политики за Роми, за правата на жените, нивно активно учество на пазарот на трудот, дел сум од иницијаторите за доделување на стипендии на ромските средношколци, поддржувачка и иницијаторка за економска независност, најнапред на девојчињата од моето блиско семејство и пошироко. Поддржувачка и потикнувачка за зголемување на високо образовани Роми. Зад себе оставив научни трудови кои зборуваат за потеклото, неправдите, инклузијата и правата на Ромите. Се уште работам на надминување на стереотипите кон Ромите особено Ромките и нивно еднакво учество во јавниот и политичкиот живот, особено еднакво учество на пазарот на трудот. Иницијатор сум за економско и политичко јакнење на жените.
Шиковска: првоборец и жена на првата линија на фронтот. Честопати знам да кажам дека Латифа Шиковска секогаш ќе биде на страната на народот и на терен заедно со нив. Работам за подобри услови на живеење, придонесов во мапирање на лицата без документи и ќе ги дадам сите сили овие лица да добијат правна видливост во општеството со сите основни загарантирани права и слободи.
Како се чувствувате при доминацијата на машкиот пол во политиката?
Таир: Мојот фокус секогаш е насочен кон успешно реализирање на зацртаната цел. Сите препреки на патот на таа реализација за мене претставуваат, од една страна, дополнителен предизвик и мотив да постигнам што поголеми резултати. Од друга страна можност за искористување на потенцијалот на таа препрека за да се реализира целта. Доминацијата на мнозинството во едно општество не се покажало како успешен модел за подобрување на состојбата на заедницата за која се залагаме. Во оваа насока сметам дека жените во активизмот и во политиката се многу значајна алка и треба да се земат во предвид во секоја етапа. Сите чинители на ова општество се одговорни за создавање на вакви услови во кои и жените и мажите подеднакво ќе бидат дел од процесите и одлуките во иднина.
Салиу: Рамноправна и еднаква пред сите предизвици. Можност нешто да се научи и можност нешто да се наметне.
Шиковска: Охрабрена и мотивирана затоа што доминацијата не е вистинскиот збор кој го застапувам. Сакам да наметна поинакви прашања кои што ќе ја потенцираат нашата слобода и развој.
Што значи да се биде жена политичар / активист ?
Таир: Да бидеш активист/ка значи да веруваш дека во општеството, се’ уште, постои можност да реагираш на неправдата, да веруваш во идеали во кои предност се дава на колективното добро наспроти индивидуалното и да веруваш дека активизмот има капацитет да ги коригира неправилностите, создавајќи можност и за оние кои се помалку видливи или се на маргините на општеството.
Салиу: Најнапред, да се избориш за своето место во јавниот и политичкиот живот и да се застапува еднаквоста на жените и мажите. Затоа што се во општеството се работи и постигнува заедно, подеднакво и жените и мажите; старите и младите.
Амет: Јас сакам да бидам лидерка, да координирам и да водам. Знам да сум упорна и не се откажувам лесно. Многу важна и добра особина е тоа што сакам да помогнам, да поддржувам, да споделам знаење, да дадам совети, да комуницирам со различни луѓе. Да се биде активистка е незаменливо задоволство, особено кога достигнуваш да влијаеш на позитивни промени во општеството.
Шиковска: Да креираш стапки кои што може да бидат пример за генерацијата. Да го ставиш своето време во интерес на јавните работи и отворено да ги искажуваш своите цели. Сопствената визија да ја споделиш, да побараш довербата од народот за таа споделена визија и да создаваш промени и подобри резултати во интерес на војот народ.
Portret-na-romskata-zena-Aktivizmot-i-vklucuvanjeto-vo-politikata.pdf