Наука и знаење
Како студентите се снаоѓаат со online наставата (Ервин Мамути)
- Детали
- Објавено: Четврток, 21 Мај 2020 09:11
- Посети: 1737
Онлајн наставата ги загрижи сите студенти. Нов предизвик за сите! На почетокот следуваа низа прашања: „Како ќе почне, како ќе се одвива, колку за нас ќе биде ефективно и ефикасно пренесен материјалот, како ќе се одрази тоа врз нашите испити“?. Дел од овие прашања, сеуште немаат одговор.
Добивме и доволно слободно време кое овозможува рационално да го испланираме и искористиме за сите наши активности и обврски. Но, науката секогаш наложува сомнеж да продолжиме со истражувања и да бидеме сигурни во точните одговори, што практично е невозможно без нашите ментори, едукатори, професори.
Како автор на овој текст, мислам дека има една состојба која ми влева доза несигурност и страв - Дали онлајн предавањето ќе го намали квалитетот на нашето образование!? Знам дека и за ова нема одговор во моментов, бидејќи никој не знае да каже што точно ќе се случува!
Во однос на професорите и универзитетите, се надевам и верувам дека тие го прават најдоброто што можат. Едноставно, онлајн предавањето е еден од начините да се заштитат студентите и самите професори од Корона вирусот.
Освен што имаме онлајн настава, многумина од нас, слободното време го користат во тоа да се надоградуваат себеси како личности. Лично, моето слободно време го минувам во најразлични активности, почнувајќи од учење и читање книги а уметничкиот талент го користам како креативност за да го оддржам расположението. Знам дека и Вие како студенти минувате низ истата ситуација. Обидете се да се фокусирате на учењето, бидете креативни и секогаш бидете со позитивна енергија! Останете во вашите домови сè додека не се смири ситуацијата со вирусот,тешко е, но, ова мора да го поминеме заедно!
Ваквиот пристап на онлајн учење и не е толку автентичен. Би требало да се воведат нови мерки и методи за овој процес да стане подостапен и поинтересен начин на учење за студентите.
Пандемијата со Ковид-19 на нас студентите ни донесе предизвици со кои како академски граѓани треба да се соочиме на најдобар можен начин за подобар можен исход. Да, не затекна во непредвидливо време а со тоа и бевме неспремни. Меѓутоа, сепак најдовме најдобар начин како летниот семестар да тече во најдобар ред. Наставно-образовниот процес тече по електронски пат. Како студент на Медицинскиот факултет, ја користиме платформата Microsoft Teams, кадешто имаме online предавања со професори или асистенти по одредени предмети кои всушност, во овој период требаше да ги обработуваме доколку го немаше коронавирусот во нашата држава. Самата настава е со аудио-визуелна комуникација и се користат најчесто power point и word презентации. Имаме онлајн распоред според тоа како се одржува онлајн наставата. Професорите и асистентите се достапни во секое време и со нив комуницираме преку е-маил. Околу праксата по одредени предмети, засега ја немаме затоа што таа се одвива во здравствени установи. Освен тоа, самите професори даваат да обработуваме case report, семинарски задачи или друг вид задачи да ги обработиме и по електоронски пат да им ги испратиме. Сеуште не сме информирани како и кога ќе се одвиваат испитите, односно оценувањето, со оглед на тоа дека немавме ниту една колоквиумска недела. Да се надеваме дека ќе ја искористиме барем јунската сесија, доколку работите со коронавирусот тргнат на подобро. Генерално, online наставата, на нас студентите не ни претставува проблем затоа што имаме и компјутерски вештини, но и со оглед на кризната ситуација во државата и во светот, сепак е подобрата варијанта за да продолжи наставно образовниот процес. |
Во овој период на пандемија, онлајн наставата претставува единствен начин на одржување на наставата и продолжување на образовниот процес во државата. Овој пристап е често користен и ефикасен за многу студенти во светот. Најчесто се користат платформите: Zoom, Microsoft Teams, Skype итн. Полесно е да се оддржува теоретска настава а совладувањето на практичниот дел е речиси невозможен. Ваквото учење од далечина претставува предизвик за студентите кои не располагаат со соодветните технолошки помагала бидејќи не се во можност да ги обезбедат. Повеќето професорите се запознаени, но има и такви предавачи кои се соочуваат со потешкотии во реализирање на наставата.Тоа е двонасочен процес кадешто професорите и студентите треба да бидат инволвирани. Не знаеме поточно колку ќе потрае оваа состојба ни како ќе се одвива начинот на оценување. Треба да се посвети повеќе внимание и онлајн наставата да се сфати посериозно, бидејќи не смее да се загрози правото на образование во оваа вонредна состојба. |
Ништо не може да го замени нормалното одвивање на предавањата и учењата. Досега така функционирало во образовниот систем и во сите останати форми на работа. Сепак и онлајн предавањата не се некоја тешкотија за да се продолжи со учењето. Сметам дека успехот е индивидуален и зависи од самата личност и дисциплинираност. Јас кога имам онлајн настава, сум целосно фокусирана и вниманието кое што го давам, резултира со знаење. Секако си забележувам битни податоци и информации коишто понатаму ќе ме водат за целосното совладување на материјалот. |
Иако цел ден сум дома, се обидувам да останам фокусирана и се надевам дека ова брзо ќе помине. Ќе може да шетам надвор кога ќе исчезне вирусот. Секој ден имам онлајн предавања од факултетот според курикулумската недела. Помагам низ дома околу чистење на куќата. Пред вечерата, знам да прочитам од книгите за факултетот. Вечерта секогаш ја минувам гледајќи филм или водење долги разговори до пријателите. Редовно ги праќам новостите од денот и внимавам на "fake news". Затоа ги следам и изворите од коишто доаѓаат информациите. Ретко излегувам од дома, освен кога е потребно, следејќи ги инструкциите дадени од власта. Се надевам овие денови ќе минат и побрзо сите ќе се вратиме на нашите секојдневни обврски. |
Секој студент се обидува да најде начин како да се справи со настанатата ситуација и да биде во тек со учењето. Но, ако зборуваме за квалитетот на знаење кое го добиваме преку online наставата, се сомневам дека таквиот начин ги задоволува нашите потреби за совладување на материјалот и разбирање на суштината на предметот. Не треба да забораваме дека некои професори воопшто и не оддржуваат online настава и на тој начин, студентите се оставени сами да го совладат материјалот и да се подготват за испит. Други професори немаат разбирање при користење интернет алатки и наставата се одвива со прекини и се доведува во прашање квалитетот на наставата и потрошеното време. Сметам дека комуницирањето со професорите по е-mail е подобра опција, бидејќи на тој начин ќе може да се навратиме на делот што можеби во текот на онлајн наставата ќе го пропуштиме поради тоа што настанал некој прекин или домашните услови не дозволиле да го слушнеме тој дел. Од проста причина што не секој од нас има посебна соба, живее на тивко место, можеби живее во заедница од повеќе членови и слично. |
Сите образовни процеси во училиштата и на универзитетите во моментов се одвиваат онлајн. Добро е што се овозможува електронско учење, иако некои ученици и студенти се соочуваат со технички и економски проблеми, како што се бавен интернет, неможност за редовно плаќање на сметките поради ситуацијата и се помалку работа и се помалку придонеси во семејствата што доведува да бидат социјално загрозени семејства. Некои семејства имаат и повеќе деца во образовниот процес а имаат само еден компјутер и не можат истовремено сите деца да се присутни на своите онлајн часови или некои немаат пристап до компјутер и интернет. Тука државата треба да превземе мерки за тие да бидат снабдени со интернет и компјутер за непречено да ја следат наставата и да не го прекинат образовниот процес. Социо-економските разлики да не се почувствуваат во семејствата со социјален ризик од моменталната ситуација. Според мене, но и според моите соученици, онлајн наставата предизвикува потешкотии при искажување на нашето знаење, но потошкотии имаат и професорите кои не знаат како правилно да не оценат бидејќи сето ова е ново и претставува предизвик за учениците и за професорите. Сето ова предизвикува загриженост и кај родителите кои несебично помагаат и се вклучуваат во надминување на секоја нованастаната ситуација. Покрај сите овие наведени проблеми, предност на онлајн наставата е тоа што нема да дојдеме во директен контакт со соученици и наставници и ризикот да бидеме инфицирани (заразени) со КОВИД-19. На овој начин, ја почитуваме мерката која е дадена од здравствените власти во нашата држава. |
Според настанатата ситуација со Корона вирусот, народот во Република Северна Македонија се соочува со многу тешкотии. Животниот стандард и биоритамот на луѓето е апсолутно променет. Од аспект на студентскиот живот, ситуацијата многу влијае врз академскиот развој на студентите така што целиот процес на учење и испитување е запрен и тоа доведува до потешкотии во понатамошното студирање кое, ќе продолжи откако ќе помине оваа ситуација. Студентите што студираат насоки поврзани повеќе со теорија имаат можност електронски да бидат тестирани. Но, студии како што студирам јас, на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер е известен од Деканот дека нема можност дизајнерите да бидат тестирани електронски. Исто така се собира многу материјал за учење кој ќе доведе многу потешкотии во текот на совладување на материјата а исто така бројот на положени и успешни тестови и предмети ќе бидат во помала бројка. Оваа ситуација не само што влијае на студентскиот развој и живот, влијае и на личниот и приватниот живот, бидејќи како студенти сме млади луѓе и сакаме рекреации, движење, забави и многу други активности. Моменталната ситуација со вирусот тешко влијае на младите луѓе и ги попречува во својата работа и градењето кариера. |