Ромски идентитет
Зошто Ромите не го говорат ромскиот јазик? (Ервин Мамути)
- Детали
- Објавено: Недела, 29 Март 2020 15:13
- Посети: 1273
Зошто Ромите не го говорат ромскиот јазик? Прашање кое побудува на размислување и создава најразлични емоции. Ромите имаат обврска да го чуваат и негуваат сопствениот мајчин јазик. Но, исто така, државата има обврска да создаде услови за изучување и негување на Ромскиот јазик како суштински елемент на секоја култура. Јазикот, нели е, едно од обележјата за припадноста кон една заедница.
И ромскиот етникум поседува вредности кои ги карактеризира како посебна етничка заедница, различна од другата: има свој јазик, култура, традиција, обичаи. Но, во воздухот лебди чувството дека Ромите не се свесни за последиците од тоа што не го употребуваат ромскиот јазик. За жал, крајниот ефект од неупотреба на јазикот е асимилација на ромската заедница.
Историски приказ
Во 18-тиот век, познатата „Ера на просветителството“ во европската историја, Ромите биле изложени на „нови методи“ на дискриминација. Ромите во Шпанија биле мета на присилна асимилација каде им било забрането да го говорат ромскиот јазик. Затоа денес, Ромите во Шпанија не го знаат својот мајчин јазик.
Два века подоцна, официјалната политика на многу европски земји имала цел, присилно, да ги интегрира Ромите. Уништувањето на ромскиот јазик и култура биле едни од методите за постигнување на целта. Уште во Втората светска војна, Ромите главно биле преселувани во Финска и биле многу зависни од помошта од земјоделската заедница. Меѓутоа, мнозинското население се сомневало во Ромите и им дозволувало да останат само доколку не говорат ромски. Ова, секако, резултирали со тоа Ромите да бидат претпазливи и да се воздржуваат од зборување на ромски јазик. Воглавно оваа политика била пракса на повеке европски држави.
Како е денес?
За да одговориме на ова прашање, консултирав неколку студенти, чии одговори Ви ги пренесувам во целост. Нашето прашање беше едноставно „Зошто Ромите не го говорат ромскиот јазик?“
Џенгис Бериша, студент на постдипломски студии на Меѓународно право, право на ЕУ и дипломатија на Правен факултет
Возрасните не го пренесуваат ромскиот јазик на помладите
Причината поради која не се користи ромскиот јазик, иако сите знаат дека тој им е мајчин јазик, е немањето можности и услови за негово изучување. Проблемот потекнува од повозрасните, тие не го користеле и пред се, не им го пренеле знаењето на младите за тоа да се проширува. Во оваа насока, после неколку генерации, од ден на ден, почнува да исчезнува јазикот и моментално, состојбата е таква што 70 отсто од возрасните знаат да зборуваат ромски, иако применуваат многу македонски зборови. Само 10 % од младите го знаат ромскиот јазик. Има еден сериозен проблем – изминатите неколку години имаше анкетни листови за родителите чии деца се во основно образование, односно родителите да изберат дали нивните деца сакаат да го изучуваат ромскиот јазик како факултативен предмет. За жал, исходот беше негативен, односно поголем дел од родителите се изјаснија дека нема потреба да се изучува јазикот, бидејќи нема да им користи. Во оваа насока, сметам дека е нужна потребата да се воведат курсеви по ромски јазик и култура, посебно за млади и деца во училишна возраст (дури да се воведе и факултативна настава), работа на терен за информирање на повозрасните, преку примена на разни методи и креативни материјали.
Сирхан Усеин, студент на Правен Факултет „Јустинијан Први“ - Скопје
„Нов тренд кај ромските интелектуалци“
Причината за повеќето Роми кои не го говорат ромскиот јазик е тоа што живеат во опкружувања кадешто поголемиот дел од населението не се Роми. За полесна интеграција и прифакање од средината, тие не го говорат ромскиот јазик или се срамат да се декларираат како Роми, но не и во случај кога треба да користат бенефиции кои се нудат за Ромите. Исто така, постои нов тренд кај ромската заедница, особено кај ромските интелектуалци: родителите избегнуваат да им дадат на своите деца традиционални ромски имиња. И иако возрасните го говорат ромскиот јазик, нивните деца ги учат и со нив зборуваат на македонски и на англиски јазик. Веќе е време студентите да почнат да го научат Ромскиот јазик и еден ден да речат ''Me siklilum te kerav Romane lafi''.
Суда Дехари, студентка на Педагошки факултет-смер: одделенска настава македонски јазик
Мајчиниот јазик - важен сегмент од идентитетот
Доколку имаме желба можеме да го научиме ромскиот јазик
„Доколку родителите не го говорат ромскиот јазик не значи дека и детето не мора да го научи. Јас би сакал да се земам себеси како позитивен пример, доколку се има желба и се вложува труд може да се успее, без разлика во која околина или средина живееме. Јас сум среќен и благодарен на Ромаверзитас и пријателите кои ми помогнаа да го научам ромскиот јазик. Би сакала да ги охрабрам останатите студенти кои не го говорат јазикот дека доколку сакат можат да научат. Секако дека мајчиниот јазик е тесно поврзан со идентитетот, но тој претставува еден дел од идентитетот. И ако не го говорат ромскиот јазик, но сепак се декларираат како Роми, горди се на фактот дека имаат свој јазик, култура, знаме и историја, се залагаат за ромските прашања, активни се во своите заедници и прават промени во ромската заедница. Пред се, не мора да значи ако родителите не знаат Ромски јазик дека и детето не мора да научи. Кога прв пат дојдов во Ромаверзитас, не знаев Ромски. Но кога се сака нешто во животот може и да се примени, без разлика во која околина или средина живееме. Среќна сум и благодарна на Ромаверзитас и на пријателите што ме „натераа“ да го научам јазикот покрај тоа што правам "грешки" во зборувањето, сепак го говорам. Се надевам и останатите студенти кои не знаат Ромски, нека не се „вадат“ на тоа дека повозрасните се виновни или треба да се воведе настава на ромски. Иако се согласувам да има факултативен предмет во училиште, затоа што знаењето на секој јазик е богатство за нас.
Автор: Ервин Мамути