Ромаверзитас - со поддршка за развој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности
Студентите Роми добија свои претставници
- Детали
- Објавено: Среда, 14 Февруари 2018 12:01
- Посети: 10957
Студентите Асиб Зекир и Руфат Демиров се идните претставници на академската заедница Роми кои користат услуги од проектот „Ромаверзитас - со поддршка за развој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности“. Првата своја средба со студенетите ја остварија пред неколку дена на Правниот факултет во Скопје каде разговараа за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат студентите Роми, стипендисти на здружението на граѓани „Ромаверзитас“.
Зекир е студент по финансиски менаџмент на Економскиот факултет во Скопје, а Демиров студрира политички студии на Правниот факултет во Скопје. Овие два претставника ќе ги застапуваат и претставуваат студентите Роми во Советодавниот одбор и другите тела на здружението на граѓани „Ромаверзитас“, потоа ќе планираат, организираат, свикуваат и реализираат состаноци со студентите најмалку еднаш месечно, ќе водат процес за креирање програма на активности заедно со студентите и проектниот тим и ќе го координираат процесот на спроведување на програмата на активности. Освен ова, тие ќе се грижат за проблемите и потребите на студентите Роми и за нивно артикулирање и застапување пред релевантни чинители, ќе следат, учествуваат и поттикнуваат учество, ќе организираат студенти во различни активности, ќе иницираат студентски иницијативи и ќе потикнуваат волонтерство.
Од друга страна, Советодавниот одбор во кој ќе членуваат Зекир и Демиров дава совети за прашања покренати од страна на менаџментот на Организацијата, обезбедува дополнителни знаења, вештини и техничка експертиза на организацијата, поттикнува и поддржува транспарентност, нови идеи и одржлив развој на организацијата, помага во генерирање стручни препораки и мислења за проектниот тим и носителите на одлуки во организацијата. Советодавниот одбор е составен од експерти, искусни, истакнати и признати професионалци во областа на образованието. Членовите на Советодавниот одбор немаат правна одговорност.
Проектот финансиски е поддржан од Ромскиот образовен фонд (РЕФ), Будимпешта.