Ромаверзитас - со поддршка за развој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности
РОМАВЕРЗИТАС ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА
- Детали
- Објавено: Сабота, 03 Февруари 2018 12:08
- Посети: 10297
„Како до (по)квалитетно образование во Шуто Оризари?“
Недостатокот на кадар од ромска популација сериозно влијае на квалитетот на образование во општината Шуто Оризари, е еден од заклучоците кој произлезе од панел дискусијата „Како до (по)квалитетно образование во Шуто Оризари“, во организација на здружението на граѓани „Ромаверзитас“.
Дискусијата се одржа во Младинскиот Културен Центар, а говореа Даниела Захариова Адамова, раководител на секторот за образование на град Скопје, Реџеп Али Чупи, алумнист на Ромаверзитас, Алвин Салимовски, директор на основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ и Доан Сулејманоски, професор во средното училиште „Шаип Јусуф“.
Според сите дискутанти, стручниот образовен кадар треба поблиску да соработува со учениците (посебно со децата од основното образование кои не го владеат добро македонскиот јазик), а истовремено училиштата да бидат во можност да понудат и изучување на мајчиниот, ромски јазик.
Освен досегашните активности, според дискутантите, за подобрување на квалитетот на образование во општината треба да се преземат и дополнителни активности, како што се изградба на дополнителни спортски сали, надградување на наставничкиот материјал за усовршување на наставниците, поголема соработка на училиштата со невладиниот сектор, учество во разни европски програми (како што е Еразмус Плус) и други активности.
Во текот на дискусијата беше објаснет процесот на основање на средното училиште во Шуто Оризари, кој не бил лесен. Денес во ова училиште учат околу 280 ученици и веќе е создадена првата генерација матуранти на тригодишниот отсек – фризери. Според професорот Доан Сулејманоски, ова училиште веќе учествувало на неколку натпревари од областа на правото и бизнисот.
Според Салимовски, основните училишта во оваа општина се соочувале со просторен проблем, кој бил саниран пред три години со доградба на училиштата и тоа овозможило наставата да се одвива нормално во две смени. Директорот потенцира дека, во најскоро време, треба да се реши предизвикот во соработката меѓу наставниците и родителите, како и проблемот со редовноста на учениците поради заминување во странство.
Посебната програма за стипендии за средношколците Роми одиграла голема улога во оформување на образованието кај Ромите, истакна Али Чупи. Тој потврди дека во средното училиште „Шаип Јусуф“, само лани имало 70 стипендисти, а годинава бројката се зголемила на 130 што говори и за растечкиот тренд на квалитетот на учениците.
Директорот во средното училиште е избран уште со основачкиот акт, додека за следното именување треба да биде распишан конкурс и да има можност секој вработен да конкурира, заклучи Захариова Адамова од Град Скопје.
Ромаверзитас како организатор на панел дискусијата ќе ги испрати препораките и заклучоците од панел дискусијата „Како до (по)квалитетно образование во Шуто Оризари?“ до ресорните институции, улилиштата и јавноста.