Ромаверзитас - со поддршка за развој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности
Ромаверзитас свечено го одбележа Меѓународниот ден на Ромите, Република Северна Македонија е „едно општество за сите“
- Детали
- Објавено: Понеделник, 08 Април 2019 15:18
- Посети: 1756
За „Предизвиците и перспективите на Ромите во Република Северна Македонија“, денес, по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8-ми април, ЗГ „Ромаверзитас организираше настан во Собранието на РСМ каде говореа премиерот Зоран Заев, потпретседателот на Владата, Бујар Османи, шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, извршниот директор на Ромскиот Образовен Фонд, Надир Реџепи и неколку ромски активисти – членови на граѓанската организација „Ромаверзитас“, Фикрија Таир, Елвис Шаќири и Сенада Сали.
Целите на Европската Платформа за вклученост на Ромите, за премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, не се само обврска, туку и искрена желба.
„Искрена желба и посветеност да градиме инклузивно општество во кое никој, ниту еден, нема да биде запоставен. Еднакви права и достоинствен живот за сите е единствениот пат до успешна, заедничка Република Северна Македонија, дом за сите, интегрирана во Европската унија. Овој настан, освен што трага по одговорите за предизвиците и перспективите на Ромите во Република Северна Македонија, истовремено е уште еден заеднички чекор на најдобар можен начин да ја промовираме и практикуваме нашата стратешка определба за изградба на концептот „Едно општество за сите“, по углед на големата европска идеја - Обединети во различностите. “, рече Заев.
Потпретседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на ромски јазик ги поздрави сите присутни во салата и го честиташе меѓународниот ден на Ромите.
„Ромите се присутни секаде, но веројатно, никаде доволно заштитени и прифатени. На европскиот континент, проценките се дека има околу 10 милиони Роми, од кои околу 6 милиони живеат во земјите на Европската Унија. Останатите живеат во други земји во Европа. Со ова, Ромите се најголемо етничко малцинство кое се соочува со предизвици во исполнување на своите права, но и со дискриминацијата. Република Северна Македонија е нивна матична земја која се грижи за остварување на нивните права и со своите активности треба да го трасира патот за исполнување на интересите на Ромите. Обезбедување правична застапеност на Ромите е наш приоритет“, рече Османи.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар изјави дека Ромите ја манифестираат потребата за заедништво наспроти долгогодишната маргинализација и сегрегација за Европа без дискриминација. Европската Стратегија за проширување бара од сите земји со поголем број на Роми да подготват Национални акциони планови за Инклузија на Роми. Го подржува „Ромаверзитас„ во организацијата на овој форум со што се подигнува свеста за Правата на Ромите и се поттикнува акција за подобри образовни можности за Роми.
Претседателот на Ромскиот Образовен Фонд, Надир Реџепи, и честиташе на Ромаверзитас за организирањето на овој настан во храмот на демократијата.
„Еманципацијата и самоеманципацијата заземаат централно место во процесот на дефинирање на нашите колективни планови и дела. Образованието е дел од процесот на самоеманципација. Мисијата на РЕФ е директно поврзана со мисијата 5 од првиот Конгрес на Ромите каде се вели дека треба да се престане со дотогашниот начин на живеење и да се почне со школување на ромските деца. Т.н. ромско прашање не може ниту треба да се изолира од севкупните текови на македонското општество. Перспективите на Ромите зависи од тоа какво општество сакаме да изградиме и како Ромите ќе ги аритикулираат своите интереси и права“, рече Реџепи.
Според организаторот на настанот, Елвис Мемети, дипломиран политиколог и член на Извршниот одбор на граѓанската организација „Ромаверзитас“, овој ден ги обединува Ромите.
„8-ми април не обединува и сплотува сите, како политичкиот и административниот, така и граѓанскиот сектор. Ние не се разликуваме во пораките што ги испраќаме во јaвноста затоа што е потребна поголема афирмативна акција за корегирање на историската неправда кон Ромите. Тоа подразбира поголема ажурност на институциите, поправедна распределба и буџет за решавање на проблемите на заедницата и поголема инклузија. Интересите на Ромите се и интереси на државата. Ромскиот народ, ромските студенти, младината бара и очекува нов пристап и креативни политики, особено во делот на образованието, мајчиниот јазик, правичната застапеност и процедуралната правда“, вели Мемети.
Од организацијата Ромаверзитас потенцираат дека ваквите настани имаат цел да поттикнат и постигнат пошироко внимание на релевантните институции и поединци околу предизвиците и перспективите на Ромите во Република Северна Македонија, како и вклопувањето на истите во концептот на „Едно опшество за сите“.
Здружението на граѓани „Ромаверзитас“ е препознатлив лидер за поддршка и развој на активни и квалитетни високообразовани Роми, кои ја застапуваат ромската заедница и се активно вклучени во процесите на креирање и донесување јавни политики на локално и национално ниво.