Ромаверзитас - со поддршка за развој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности
Да не дозволиме геноцидот од минатото тивко да продолжи во нашата сегашност
- Детали
- Објавено: Петок, 02 Август 2019 17:52
- Посети: 1827
На комеморацијата на „2 Август - Денот на Геноцидот врз Ромите за време на Втората светска војна“, во Меморијалниот Центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, од сите присутни беше испратена заедничка порака „Геноцидот врз Ромите да се спомне и да не се повтори“. Настанот опфати комеморативни говори, видео проекција на краток филм, изведба на извадок од претставата „Злосторникот“и проекција на видео порака од студентите на Ромаверзитас.
Самка Ибраимовски, Пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, во својот комеморативен говор даде историски осврт на европскиот Геноцид врз Ромите, истакна благодарност до Владата на Република Северна Македонија за нивното разбирање и поддршка за комеморација на „Денот на Геноцидот врз Ромите и во својот говор испрати порака „Овој историски настан не смееме да го заборавиме и младите треба да продолжите да го комеморирате овој важен историски ден“.
Музафер Бајрам, Министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за Роми, во својот комеморативен говор даде осврт на европскиот Геноцид кој има влијание на денешната дискриминација и говор на омраза кон ромската заедница, ја истакна важноста од евидентирање и санкционирање на постоечкиот говор на омраза како неопходен одговор и превенција на неговите последици од страна на институциите. Во своето обраќање испрати важна порака „Во концептот едно општество за сите нема место за дискриминација по ниедна основа, а најмалку по етничка. „Циган“ не е слобода на говор, зборот „Циган“ е говор на омраза “.
Силхан Саитов, проектен менаџер во ЗГ Ромаверзитас во својот комеморативен говор истакна дека на Ромите во минатото им било одземено правото да се биде човек и правото на постоење само поради тоа што биле Роми. Потоа, ја истакна важноста за сеќавање на грозоморната историја на Ромите, поради тоа што случувањата во минатото оставија сериозни и ненадоместливи последици врз сегашните можности и напредок на ромската заедница. Сериозно го осуди повторувањето на дел од историјата во сегашноста, во многу европски земји, вклучувајќи ја и Македонија. На крајот од говорот испрати важна порака „Аманетот на нашите предци беше - да се сеќаваме на нашата историја, да се прифатиме како Роми, јавно да се декларираме како Роми, и никогаш да не дозволиме геноцидот од минатото тивко да продолжи во нашата сегашност и иднина“.
“Смислата на постоењето е човекот да се роди, да живее и да умре слободен. А, не неговиот живот да биде одземен на најсуров и нечовечен начин од страна на друг човек“ – беше главната порака на извадокот од претставата „Злосторникот“, со актерската интерпретација на Руфат Демиров и Надир Усеин, авторство и режија на Даниел Петровски, од Романо Ило. Солзите во очите на присутните гости беа показател на емпатијата, солидарноста, признавањето и свесноста за значењето на овој тажен историски ден.
ЗГ Ромаверзитас очекува во блиска иднина, во Македонија, по примерот на многу европски земји, да биде поставен споменик на Ромите - жртви на холокаустот, да се изгради Меморијален центар за Геноцидот врз Ромите и во наставата да се интегрираат наставни содржини за европскиот геноцид врз Ромите.
Комеморацијата на овој важен историски ден беше организирана од Кабинетот на Министерот без ресор Музафер Бајрам и ЗГ Ромаверзитас, а на истата присуствуваа министри, амбасадори, претставници од дипломатски мисии, институции и фондации, претставници од граѓанскиот сектор, студенти и медиуми кои со своето присуство оддадоа почит кон жртвите на Геноцидот од Втората светска војна.
Автор: ЗГ Ромаверзитас