Ромаверзитас - со поддршка за развој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности
Проектните цели во двете проектни години се успешно постигнати од проектот „Ромаверзитас- со поддршка за равој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности“
- Детали
- Објавено: Вторник, 17 Септември 2019 09:07
- Посети: 1605
Во период од 2017 до 2019 година проектниот тим на проектот: „Ромаверзитас- со поддршка за равој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности“, успешно ги постигна проектните цели и постигнатите резултати ги презентираше на завршен настан кој се одржа на 12 септември 2019 година во хотел Холидеј Ин.
Овој проект е идеа која започна од 2001 и континуирано се спроведува во Република Северна Македонија за да ги унапреди состојбите на ромската заедница во однос на високото образование, интеграцијата во пазарот на трудот и останатите сектори во општеството. Овој проект е финансиски поддржан од Ромскиот образовен фонд (РЕФ).
Проектниот тим составен од проектниот менаџер Силхан Саитов, финансискиот офицер Сеара Сулејман, проектната координаторка Фикрија Таир и проектната асистентка Инес Амет, во двете проектни години работеа со околу 100 студенти Роми, околу 80 матуранти Роми и 20 алумнисти на Ромаверзитас на територијата на Република Северна Македонија во рамки на пет проектни компоненти.
Во рамки на првата компонента „Вклучување на матуранти Роми во високото образование“, вкупно 47 матуранти Роми беа професионално ориентирани и направија план за својата кариера преку креирање на индивидуални кариерни планови. Вкупно 82 матуранти Роми беа мотивирани и информирани за уписите на факултетите, како и беше мониториран нивниот прием во истите. Сите информирани матуранти се успешно примени во универзитетите на РМ за академската 2018/19.
Во рамки на втората компонента „Академска поддршка и развој“, вкупно 57 студенти беа менторирани, вкупно 60 студенти беа туторирани и 79 студенти изнајмија литература за нивните академски потреби. Во однос на третата компонента „Личен и професионален развој“ студентите Роми посетија работилници за стекнување на академски вештини и вештини за истражување, 45 студенти и алумнисти на Ромаверзитас во првата проектна година и 55 студенти и алумнисти во втората проектна година посетија курс по странски јазици. Во рамките на оваа компонента исто така, 21 студент во академкста 2017/18 и 20 студенти во академската 2018/19 година посетија курс по компјутерска едукација.
Понатаму, успешно се спроведени 6 практиканства на студенти Роми и спроведено е едно микроистражување од тим на двајца студенти Роми и нивен ментор алумнист на Ромаверзитас. Во четвртата компонента „Младинско учество, волонтеризам и активизам“ беа избрани двајца претставници на студентите корисници на проектот во академската 2017/18 година и еден претставник на студентите корисници на проектот во академската 2018/19 година кои одржуваат редовни состаноци со студентите и учествуваа во Советодавниот одбор на Ромаверзитас и беа делегати на Националниот Младински Совет на Македонија.
Во рамки на проектот во двете проектни години беа креирани седум броеви од е-весникот Рома Индекс. Во последната компонента „Зајакнување на ромскиот идентитет“ беше одржан курс по ромски јазик, култура и историја во кој учествуваа 32 студенти и алумнисти во првата проектна година. Во втората проектна година курсот по ромски јазик историја и култура освен на студенти беше одржан и на, сегашни и идни наставници и лингвисти Роми, како и на матуранти Роми односно вкупно на 47 лица. По повод на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите беа одржани два настани во Собранието на РСМ во двете проектни години.
Првиот настан со наслов “Ромите во РМ“ во кој беа артикулирани состојбите и заложбите за интеграција на ромската заедници во Република Македонија, и вториот со наслов „Предизвиците и перспективите на Ромите во Република Северна Македонија“ во кои се упатија конструктивни критики и предлози за идните политики поврзани со Роми. Во склоп на оваа компонента исто така беа одржани и ораторски настапи во кои земаа учество 6 студенти во првата исто така 6 студенти Роми во втората проектна година, кои говореа на теми за ромскиот народ, пришто аргументирано ги изнесоа своите ставови за одредени тековни проблеми и имаа за цел да ги потикнат присутните да размислуваат и делуваат на овие теми.
Во пресрет на 2 Август – Комеморација на жртвите Роми од 2 Светска војна, Ромаверзитас заедно со Кабинетот на министерите без ресор Аксел Ахмедовски во првата година и Музафер Бајрам во втората проектна година одржа комеморација во Меморијален Центар На Холокаустот На Евреите Од Македонија, каде беа одржани комеморативни говори, видео проекција, фото проекција, поезија и испраќање на пораката „Геноцидот врз Ромите да се спомне и да не се повтори“.
На настанот се обрати и проектниот менаџер, г-дин Силхан Саитов кој во својот завршен говор се заблагодари на корисниците и соработниците на проектот: „Сакам да изразам огромна благодарност до студентите и алумнистите на Ромаверзитас, до Ромаверзитас семејството кои покрај тоа што користеа активности на Ромаверзитас за нивен развој и успех, дадоа и голем придонес и оставија зад себе дела во улога на волонтери, иницијатори, активисти, студенти претставници, автори, оратори, практиканти, дизајнери и сл. Вие бевте навистина незаборавно, богато и неповторливо искуство за мене, најголемиот извор на мотивација за сите овие години. Ви благодарам на сите за сето добро и помалку добро што го споделивте со мене. Ви благодарам на сите за Вашето волонтерство! Голема благодарност ќе упатам и до нашиот стратешки и оперативен партнер и донатор – Ромскиот образовен фонд од Будимпешта, кој од 2005 година дава целосна финансиска поддршка на овој модел и верува во оваа идеја! РЕФ е лабораторијата за успехот на Ромаверзитас!“
Понатаму Г-дин Саитов истакна: „Со сето стекнато искуство во овие четири години во Ромаверзитас, три години во улога на проектен менаџер си заминувам со чувство на благодарност до сите важни актери за успехот на Ромаверзитас! Си заминувам со факти дека овој тим остава обемно и квалитетно наследство на Ромаверзитас и остава дела за кои генерациите ќе зборуваат! Заминувам после направени стотици чекори во патувањето од илјадници километри! Интуицијата ми вели дека е време за нови цели, подвици и мисии! Ромаверзитас секогаш ќе ми буди сеќавања за најсреќните години од мојот досегашен живот. Заминувам од оваа позиција во Ромаверзитас, но сината, црвената и зелената боја на ова лого и на ова име секогаш ќе бидат дел од моето срце! Го сакам Ромаверзитас и Ромаверзитас секогаш ќе биде дел од мојот идентитет!“
Сите овие постигнати резултати за двете проектни година од проектот: Ромаверзитас со поддршка за равој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности, беа промовирани на завршниот настан кој беше одржан во Холидеј Ин, на 12 септември 2019 година.