Ромаверзитас - со поддршка за развој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности
Студентите Роми со импресивни говори
- Детали
- Објавено: Петок, 13 Април 2018 10:45
- Посети: 11756
Фасцинантни ставови и реални препораки беа изречени на Ораторските настапи по повод 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите. Тие говореа на тема „Ромскиот народ - Минато, Сегашност и Иднина“.
Руфат Демиров, студент на Политички студии на Правниот факултет „Јустинијан Први” Скопје, во својот говор на тема „Уште само гасни комори ни фалат“ упати порака дека „историјата за угнетувањето на Ромите не треба да се игнорира за да не се дозволи дел од неа да се повтори. Не треба да се дозволи минатовековната европска историја да се пренесе во денешното донесување на одлуки за политики поврзани со Ромите. Македонија треба да ги почитува човековите права на секоја индивидуа без разлика на пол, етничка припадност и религија“, рече Демиров.
Неговиот колега, Надир Усеин од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје се осврна на младинското организирање.
„Учеството во политиките кои ги засегаат младите е клучниот пристап кон заземањето на актививна улога во личниот развој, кој понатаму ќе премине во развој на заедницата. Младите Роми кои се организирани и синхронизирани во своите барања и потреби имаат поголема моќ во своето делување“, потенцираше Усеин.
Жената Ромка секојдневно се соочува со предизвици и препреки кои или ќе ги надмине или тивко ќе ги заобиколи, рече Џемилиана Абдулова, студентка на студии по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.
„Во денешни услови да се биде жена е предизвик, а да се биде Ромка е двојно поголем предизвик. Поранешниот генерален секретар на Обединетите нации Кофи Анан еднаш кажал: родовата еднаквост е повеќе од цел сама по себе. Тоа е предуслов за исполнување на предизвикот за намалување на сиромаштијата, промовирање на одржлив развој и градење на добро владеење“, објаснува Абдулова во својата тема „Сопруга или слугинка?“.
За Сумеа Рахим од Медицинскиот Факултет во Скопје, примерите за дискриминација и нееднаков третман во здравството кон Ромите се само дел од секојдневните случки на неправда кои на Ромите им се случуваат секој ден. Стручниот медицински кадар, современата апаратура во болниците како и еднаквиот третман во давањето здравствени услуги се трите најважни елементи за одржување на една здрава нација, а здравата нација придонесува во развојот на државата, говореше во темата „Здравствена (не)правда“.
Студентката Орнела Гани на Институтот за социјална работа и социјална политика, која говореше на тема „Од болна шега, до губење на идентитетот“, истакна дека дискриминацијата кон децата Роми во образовниот процес е кочница за понатамошниот развој на тие деца.
„Случајот на Санела за жал е еден од многуте примери кои предизвикале болката да премине во гнев и отфрлање на ромскиот идентитет. Сонот на Санела е сон и на сите други деца Роми. Да бидеме искрени сите Роми присутни во салата дека секој пат кога ќе го слушнеме зборот кој почнува на Ц се сецнуваме. Имаме непријатно чувство во стомакот кој не скокотка. Кај некој предизвикува срам, но кај некој гнев. Сите ние заедно треба да се бориме за свет во кој што владее соживот. Свет во кој што децата Роми ќе имаат простор да го пронајдат својот идентитет како личност, да го говорат Ромскиот јазик, да ја негуваат својата ромска култура или едноставно да бидат горди на своето постоење како Роми. Гордоста за постоењето на една индивидуа води кон борбата за позитивни промени“.
Селвије Мустафи, студентка на Факултет за комуникации, јазици и култури при Универзитетот на Југоисточна Европа, во говорот „Ќе војуваме ли ?“ рече дека правата на сите граѓани во Република Македонија се загарантирани со уставот и законите. Лицата кои се на раководни функции треба макотрпно да работат и да им служат на сите граѓани без разлика на нивната етничка или каква било припадност. „А оние Роми кои се дел од креирањето на политиките за решавање на проблемите на Ромите најпрво треба да заборават на свето его и заедно со донесувачите на одлуки кои во поголем број се од другите етнички заедници, треба да работат за колективните интереси на ромската заедница“, вели Мустафи.
Во своите импресивни говори, ораторите ги потенцираа значењето за почитување на човековите права на секоја индивидуа без разлика на пол, етничка припадност и религија, потоа предизвиците и препреките на жената Ромка, младинското организирање и учеството во политиките како клучен пристап кон заземањето активна улога во заедницата. Воедно, говореа и за дискриминацијата и нееднаквиот третман во здравството и дискриминацијата кон децата Роми во образовниот процес.
Ораторите го заокружија својот настап со порака да се заборави личното его кон колективните интереси на ромската заедница. Ораторите, за својот настап, ги подготвија професор д-р Лазар Ѓуров и Доан Сулејманоски.