Ромаверзитас - со поддршка за развој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности
З.Г. „Ромаверзитас“ со настан во Собранието на Република Македонија по повод 8 Април – Меѓународен ден на Ромите
- Детали
- Објавено: Среда, 04 Април 2018 11:39
- Посети: 3547
Здружението на граѓани „Ромаверзитас“ во среда (4 април 2018) го одржа настанот „Ромите во Република Македонија“ по повод 8 Април – Меѓународен ден на Ромите . Настанот се одржа во Собранието на Република Македонија (сала Борис Трајковски), со почеток од 10:00ч. Говорници на настанот беа: г. Горан Мисовски, потпретседател на Собранието на Република Македонија, г. Самка Ибраимовски и г. Амди Бајрам, пратеници во Собранието на Република Македонија, г.Џеват Адеми, член на Комитетот за односи меѓу заедниците и г.Силхан Саитов, проектен менаџер на ЗГ „Ромаверзитас“.
г. Горан Мисовски, потпретседател на Собрание на Република Македонија изјави дека државата е должна да обезбеди еднакви услови за системско решавање на проблемот со лицата без документи. Исто така посочи дека Собранието на Република Македонија ги подржува заложбите и принципите за постигнување на мултикултурно, праведно и рамноправно општество на еднакви граѓани, целосна и правична застапеност на ромската заедница, политичка партиципација и учество во донесувањето на одлуки и ставање во функција на ресурсите од централниот буџет и донаторските средства во решавање на приоритетните области на ромската заедница како и унапредување на животот на заедницата со цел постигнување на социјална кохезија и еднаков развој на сите.
- г. Самка Ибраимовски, пратеник во Собранието на Република Македонија повика на политичко-демократска вклученост на студентите Роми и алумните на Ромаверзитас. Тој исто така посочи на покренатите иницијативи во Собранието на Р.М. за одбележување на геноцидот на Ромите за време на втората светска војна и одбележување на меѓународниот ден на ромскиот јазик.
- г. Амди Бајрам, пратеник во Собрание на Република Македонија упати порака до младите дипломирани Роми да се вклучат во политиката и да не бидат аверзични кон неа. Тој исто така посочи дека младите Роми се клучот кон обединетост и остварувањето на целите на ромската заедница.
- г.Џеват Адеми, член на Комитет за односи меѓу заедниците изјави дека „правата, статусот и чувството на рамноправност се работи кои треба да се предизвикуваат“ Според него „добрите нешта не стануваат добри сами по себе затоа што се добри , туку треба сите заедно да се заложиме за нив“.
- г.Силхан Саитов, проектен менаџер на ЗГ „Ромаверзитас“ посточи дека Ромите како дел од народите кој што живеат во Република Македонија, на 8ми Април – Меѓународниот ден на Ромите, го слават самоопределувањето, националното единство и постоењето на ромски идентитет во светски рамки. Тој исто така истакна дека „нема да постигнеме целосна интеграција на Ромите, без Ромите да бидат внатре во процесот, ако јајцето се скрши однадвор тогаш животот престанува, но ако јајцето се скрши одвнатре дури тогаш животот започнува“.
Јулиана Николовска, Пратеничка во Собранието на Република Македонија укажа дека трудот се исплати и тогаш кога се вложува повеќе од останатите. Таа истакна дека условната слабост треба да стане наша предност и дека дискриминацијата не е слабост на дискриминираниот туку за дискриминаторот. Пратеничката на својот ФБ профил ги испрати своите честитки за 8 Април- Меѓународниот ден на Ромите и исто така повика ,, Заеднички, за едно општество, без дискриминација, со достоинство и почит на човековите права на секој поединец и група во општеството!“.
Модераторот на настанот, г. Едис Хасан истакна „политичкиот контекст и еманципацијата на Ромите се наш приоритет... не се работи за нас, туку зборуваме за сите“. Понатаму тој истакна дека му е чест што Ромаверзитас го иницира овој процес и дека Ромите заслужуваат светскиот ден на Ромите да го одбележуваат на достоинствен начин во Собранието на Република Македонија.
Целта на настанот беше говорниците и присутните пратеници на Собранието на Република Македонја да ги артикулираат своите заложби за интеграција на етничките заедници во Република Македонија меѓу која е и ромската заедница како и да се поттикне нивната заложба за мултиетничко и мултикултурно општество. Настанот се одржува по повод 8 Април – Меѓународен ден на Ромите. Организатор на настанот беше З.Г Ромаверзитас.
Здружението на граѓани „Ромаверзитас“ е препознатлив лидер за поддршка и развој на активни и квалитетни високообразовани Роми, кои ја застапуваат ромската заедница и се активно вклучени во процесите на креирање и донесување на јавни политики на локално и национално ниво.