Сите го одбележуваат Меѓународниот ден на Ромите
- Детали
- Објавено: Четврток, 03 Мај 2018 00:16
- Посети: 6891
Откако во Лондон 1971-та година, од 6-ти до 8-ми април, се одржа Првиот светски конгрес на Ромите, овој народ ги постави постулатите на својот идентитет. Токму затоа, секоја година, со низа свечени манифестации се прославуваат придобивките од овој значаен датум.
Меѓународниот ден на Ромите го истакнува вниманието кон дискриминацијата на Ромите и ромските заедници на глобално ниво и претставува повик за почитување на човековите права. Ромите, организирајќи најразлични настани на светот, сакаат да му покажат дека и тие се дел од државите во кои што живеат.
Театарски престави, изложби, натпревари, маршеви, доделување признанија за придонес во раазвивање на ромската заедница - беа дел од плејадата богата програма во секој град и во секоја држава каде што Ромите гордо го прославуваат овој ден. Во Македонија, на овој ден, ромските граѓански организации, политичките партии и Владата, организираа разни манифестации. Во оваа насока, здружението на граѓани „Ромаверзитас“ организираше ораторски настан каде што студенти Роми говореа на тема „Минато, сегашност и иднина“ и настан во Собранието на Република Македонија насловен „Ромите во Република Македонија“ .
ЕУ ромската недела и годинава се одржа во Брисел, организирана од ЕРГО мрежата на која учествуваа млади Роми од речиси сите европски земји. Тие го посетија европскиот Парламент и дискутираа со европратеници за актуелната политики за развој на состојбата на Ромите од страна на Унијата. Во рамки на ЕУ ромската недела беа доделени и наградите за најпријателски градоначалник на Ромите, а беа прикажани и театарски претстави, филмови и изложби.
На Балканот речиси сите земји го прославија овој ден во весела атмосфера со многу настани.
Така на Косово, покрај фудбалски турнири и театарска престава, во Призрен имаше пригодна културна манифестација. Ромски музички ансамбли и вокални групи од Словенија, како и гости од Унгарија и Србија, беа дел од музичката манифестација во Морска Собота. Меѓународна изложба „Миранда – Холокаустот на Ромите“ во Осијек, културно-уметничкиот настан во Белишче како и централната манифестација во Хрватскиот Државен Архив, се дел од настаните со кои се прослави овој значаен датум во Хрватска.
Во Словачка, медиумско-ромски магазин во соработка со културниот центар на Кошице, организираше културен настан на кој беше прикажана ромската култура со богат музички настап на учениците од основните училишта од населбата Луник IX во која доминира ромско население. Во Самсун, Турција, за прв пат , имаше мировен марш на кој се собраа Роми и не-Роми со своите знамиња и со слогани за почит и пријателство помеѓу сите народи.
Како во сите држави така и кај нас секоја година сме опкружени со разни манифестации, настани, филмски продукции во кои покажуваме сликовита, разновидна и горда слика. Овој ден е ден кој сите не обединува, сите сме едно и го прославуваме на најразлични начини. Но, овие прослави треба да бидат нашето секојдневие. Не треба да завршат со секој 8-ми април, бидејќи сме со различна и богата култура којашто ја краси секоја држава со музика и гордост.
Автор: Џемилиана Абдулова